Градот кој е симбол на урбаната одржливост во Европа, повторно предничи во иновациите. На Дунавскиот остров на австриската престолнина се инсталира најмоќната пумпа за дождовница во Европа и носи револуционерно решение за заштита од поплави. Гигантската пумпа, со капацитет од дури 15.000 литри вода во секунда, ќе овозможи подобра заштита од поплави за жителите на градот.
Имено, последиците од климатските промени се се поизразени, а канализационите системи на градовите мора да се прилагодат на новите предизвици. Моментално, пумпната станица на Дунавскиот остров веќе има капацитет од 40.000 литри вода во секунда. Новата пумпа, дополнителлно ќе го зголеми капацитетот. Оваа пумпна станица брзо ја пренасочува водата од канализациониот систем во Дунав, па така улиците остануваат суви а домовите безбедни. Освен инсталирањето на нова пумпа, се модернизира и остатокот од станицата. Ќе се постави нова IT опрема, соларна електрана на покривот и енергетски ефикасни системи. Пумпата е производство на австриската компанија Andritz AG во соработка со компанијата EQ Energie & Bau GmbH. Монтажата почнува на лето оваа година, а пуштањето во работа е планирано за 2026 година.
Во септември 2024 година, Виена доживеа едно од најстрашните невремиња во својата историја. Тимот на градската служба за управување со канализациониот систем и отпадните води Wien Kanal, работел без прекин четири деноноќија со цел заштита на градот. Од овој настан веднаш е извлечена поука и направен е проект за надградба и модернизација на системот за заштита, кој сега се реализира.