Независното стручно жири на Европската Унија составено од стручњаци од областа на сообраќајот, во конкуренција на 2500 градови, ја избра Виена за најдобар град за поттикнување на еколошката мобилност. Покрај Виена номинирани биле и Прага и Гранада.
Во текот на 2017 година, Град Виена преку бројни иницијативи и инфраструктурни мерки, го поттикнуваше еколошкиот и мултимодалниот сообраќај. Манифестациите и кампањите ги мотивирале граѓаните да возат велосипед и да користат јавен превоз, за што Европската Комисија, на Виена и ја додели наградата „European Mobility Week Award“.
Притоа, стручносто жири посебно ги истакнува следните иницијативи: „Streetlife Festival“, инициран од виенската Агенција за мобилност, субвенционирањето на користење транспортни велосипеди воведено во 2017, како и преуредувањето на плоштадот „Getreidemarkt“. Исто така, позитивно е оценета разновидната понуда на Виена во текот на Европската недела на мобилност.