Виена сака најдоцна до 2040 година да стане климатски неутрална. За таа цел, клучна е декарбонизацијата на системот за далечинско греење. Во светлото на енергетската криза, поскапувањето на гасот, но и политичките промени, главниот град на Австрија планира да ја забрза трансформацијата на далечинското греење. Таа се потпира на три столба: употребата на геотермалната енергија, топлинските пумпи и спроведувањто на мерките за енергетска ефикасност.
Повеќе од половина век, Виена се потпира на рускиот гас, кој се транспортира низ Украина. Сепак, во септември минатата година, најголемиот австриски снабдувач со енергенти, виенското енергетско претпријатие Wien Energie, најави дека ќе престане да купува руски гас. Кратко потоа, и остатокот од Австрија изгуби пристап до ова гориво, откако Украина одби да го продолжи договорот за транзит во средна Европа. Одговорот на Виена на оваа состојба е забрзување на спроведувањето на 20 милијарди евра вредниот проект за реструктуирање на централното греење. Имено, компанијата ја проширува мрежата, ги заменува фосилните горива од други извори на енергија и спроведува мерки за енергетска ефикасност.
Системот за далечинско греење во Виена е еден од најголемите во Европа, со 1.300 километри долга мрежа. Wien Energie планира да го удвои бројот на домаќинства кои ги снабдува. Најголемиот извор на топлинска енергија за овој систем е постројката за согорување на отпад Spittelau, а градските власти со години работата на диверзификација. На пример, отпадната топлина од дата центрите исто така се користи во системот за греење. Голем исчекор кон климатската неутралност, Виена прави со изградбата на првата геотермална електрана, која се очекува да биде пуштена во работа во 2028 година. Топлинските пумпи се исто така технологија која е многу важна за иднината на централизираните системи за греење. Првата фаза од изградбата на систем на големи топлински пумпи во Виена е завршена. Пуштени се во работа три погони од планираните шест.