Според службените податоци со кои располага Градскиот оддел за управување со отпадот МА 48, од Виена во странство илегално се извезуваат 16.000 тони отпад, чија финансиска штета се проценува на околу две милијарди долари.
На ниво на Австрија пак, годишно илегално се извезуваат околу 80.000 тони отпад во вредност од 10 милијарди евра. Во согласност со австрискиот Закон за отпад, тој смее да се презема само од овластените собирачи, па затоа виенскиот Оддел за управување со отпад МА 48, апелира до граѓаните да се охрабрат да пријават какви било нелегални активности во врска со отпадот, со што ќе придонесат за националната економија.
Имено, рециклирањето на материјалите од отпадот е корисно и во еколошка и во економска смисла, а илегалниот извоз создава далекусежни економски последици. Секој апарат за домаќинство или пак мобилен телефон содржи вредни суровини како што се бакар, литиум па дури и злато.
На пример еден тон стари мобилни телефони содржи повеќе злато од еден тон златна руда. Машините за перење имаат удел од 60% железо, а електричниот шпорет дури 83%. Затоа илегалните собирачи на отпад највеќе се заинтересирани за електричен и електронски отпад. Казните за граѓаните што го оставаат овој вид отпад на места кои не се определени за таа намена, достигнуваат до 1.000 евра.