Градот Виена се закити со титулата „Европски град на дрвјата (European City of the Trees – ECOT) за 2021 година. Со оваа награда се одликува исклучителната посветеност на австриската престолнина на урбаниот екосистем.
Со бројни истражувања и иновативни мерки, Виена придонесува за адаптирање на екосистемите нa климатските промени. Европскиот совет за арборикултура (European Arboricultural Council – EAC) од 2007 година ја доделува оваа награда на градовите кои посветуваат посебно внимание на своите стебла. На улиците на Виена најчесто можат да се најдат: јавор, липа, костен и јасен. Градското претпријатие за одржување на градските градини (MA 42), посветува големо внимание на „белите дробови“ на градот. Освен што се грижи за околу 500.000 стебла, задолжено е и за планирање, изградба и одржување на стотици градски паркови. Направен е и попис на видовите дрвја кои добро поднесуваат вибрации, високи температури и други фактори карактеристични за урбани средини. Виена има и катастар на дрвјата, кој содржи информации за видот и височината на секое стебло, обемот како и годината на садење.