Насловна / Вести / Виена добива нова автобуска станица, со фокус на одрживоста

Виена добива нова автобуска станица, со фокус на одрживоста

Во австриската престолнина ќе се изгради нова модерна и одржлива зграда на аавтобуската станица за меѓународен сообраќај, која ќе вклучува и канцелариски простор и хотел. Проектот за новиот терминал за меѓународен сообраќај во Виена напредува во согласност со плановите, и покрај епидемијата. Виенската градска управа минатата година донесе одлука за негова изградба на подрачјето на вториот округ „Леополдштат“. Имено, на оваа локација е можно брзо префрлање на линијата U2 на метрото, па за седум минути се стигнува во центарот на градот. Секако, на располагање стојат и други начини на транспорт. Физибилити студијата е изработена, а претстои архитектонскиот конкурс. Во текот на следните недели, граѓаните на Виена ќе бидат детално известени за проектот, по што тие ќе можат да ги кажат своите мислења, забелешки и сугестии. Овој модерен автобуски терминал ќе се простира на два ката. Во приземјето ќе се наоѓаат чекалната и услужните објекти, додека пероните (30 до 34 на број) ќе бидат сместени на катот подолу. Со цел максимално да биде искористен економскиот потенцијал на овој објект, ќе биде изграден и хотел како и канцелариски простор. Главниот фокус на овој проект е одржливоста. Во таа насока, зградата ќе добие „зелен покрив“ и соларни панели, а за ладење ќе се користат подземни води. Покрај тоа, најавено е и уредување на околината со многу зеленило и простор за пешаци. Проектот целосно ќе се реализира во 2024 или 2025 година, а ќе чини околу 200 милиони евра.

fernbus1

fernbus2

fernbus3

fernbus4

Испрати коментар

Scroll To Top