Во центарот на австриската метропола Виена се наоѓа познатиот MuseumsQuartier – еден од најголемите музејски комплекси во светот. Зафаќа површина од приближно 90 илјади квадратни метри и вклучува околу 60 културни институции. Покрај богатата културна понуда, посетителите имаат на располагање ресторани, кафулиња и продавници, а на паузата меѓу музејските обиколки, на пример, можат да се релаксираат на популарните лежалки во атриумот на комплексот. Комбинацијата на современа музејска архитектура и градби кои датираат од 18 и 19 век, како и простор за уметност и дружење создава уникатна атмосфера и го прави овој комплекс популарна дестинација за граѓаните на Виена, како и за туристите од целиот свет.
Оваа година – за прв пат од нејзиното отворање во 2001 година – се случи значително проширување на областа на комплексот. Имено, сега е побогат за уште еден простор за уметнички и културни активности што ќе служат и за дружење и релаксација. На покривот на музејот Леополд е изградена структура со интересен дизајн со голема тераса со спектакуларен поглед на австриската престолнина – т.н. MQ Libelle. Од 4 септември 2020 година, тој ќе биде отворен за сите посетители, комплетно бесплатно секој ден од 10 до 22 часот.
Архитектонскиот бисер во форма на змеј е дизајниран од австрискиот архитект Лауридс Ортнер, кој заедно со неговиот брат Манфред дизајнирал неколку големи згради во рамките на комплексот во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, како што се културната институција Кунсталле, музејот на современа уметност мумок и на веќе споменатиот музеј Леополд.
Самото име (зборот „Либеле“ на германски значи вилински коњчиња) е избрано токму поради неговата форма и лесната и воздушна конструкција што се чини дека лебди. Стаклената фасада на големата тераса е создадена од австриската уметница Ева Шлегел, а е надополнета со лесни инсталации на прстенеста форма на австриската уметница Брижит Кованц.
Најновиот додаток на MuseumsQuartier требаше да биде отворен во април годинава, но поради избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, нејзиното отворање беше одложено за септември.