Покрај неизбежното божиќно дрво за кое беше пишувано во претходниот текст, со кој се надеваме ви помогнавме доколку имавте дилема дали да користите вештачко или природно дрво, во овој текст ќе ви наведеме неколку традиционални видови кои внесуваат топлина во домот со својата декоративност и симболика која ја даваат за време на новогодишните и божиќните празници.
Божиќна ѕвезда, Поинсетија (Euphorbia pulcherrima )
Извесно време по почетокот на традиционалото декорирање на божиќното дрво, божиќната ѕвезда стана дел од божиќната симболика. Причината е лесно прифатливата симболика поврзана со божиќните празници, преточена во цветањето во овој период од годината, како и прекрасните листови и сјајното стебло. По својот изглед и градба, дури е чудно но вистинито, божиќното цвеќе е во родот Euphorbia, кој важи за род на кактуси. Пред околу еден век, Euphorbia pulcherrima се појавува на американскиот пазар како цвеќе наменето за буќети и како грмушка за во градините. Во светот се раширила благодарение на Џоела Поинсета, амерички амбасадор во Мексико, по што и самиот вид е наречен Поинсетија.
Божиќното цвеќе нема ништо заедничко со христијанската религија, само е близок род на растението (Euphorbia milii) од кое е направен смртниот венец на Исус Христос.
Божиќни венчиња
Божиќните венци претставуваат комбинација од цветови, гранчиња, шишарки, бобинки, ливчиња и други најразлични материјали, направени во форма на прстен. Тие се користат како божиќни украси, со цел да се прослави Исусовото раѓање. Во практика најчесто се поставуваат на влезните врати од домовите и канцелариите, а многу често може да се сретне и т.н. „Венец на Исусовото доаѓање“ на трпезите во комбинација со божиќни свеќи, овошје и слично. Божиќните венци се поврзани со многу историја и симболика. Тие најчесто се направени од зимзелени видови, со што се симболизира силата и долготрајноста што ја имаат зимзелените видови. Гранчиња кои најчесто се користат за правење на овие венци се од видовите Мahonia spp; Ilex spp; Taxus spp; Pinus spp; Abies spp. и многу други. Не претставува никаков грев, а нема ниту да му наштетите на растението доколку исечете едно гранче од кој било од горенаведените видови. Само бидете внимателни, правете го тоа контролирано за да не ја нарушите декоративноста на конкретниот вид.
Бадникови гранчиња
Бадниковите гранчиња се собираат од родот на дабовите (Quercus spp.). Причината за таквиот избор е поради долговечноста што ја симболизира дабот. Најчесто, гранчињата се собираат во овој период од годината. Има еден трик околу собирањето на бадниковите гранчиња, а тоа е доколку тие се собираат преку летото и самите ги исушите, а не да ги соберете суви од матичното растение, нивните ливчиња ќе бидат суви, а сепак зеленкасти.
Се надевам дека после читањето на овој текст ќе ви помогнеме околу изборот на видот на божиќно дрво, дека би отишле до цветниот пазар за да купите Поинсетија и до најблиската шума за да се снабдите со бадникови гранчиња, како и материјали за плетење на божиќните венчиња. Се друго оставаме на вашата имагинација и креативност.