На овогодишниот саем за игри Е3 во Лос Анџелес, претставен е наслов во кој ќе уживаат архитектите.
Во прашање е минималистичка дизајнирана игра Manifold Garden која потсетува на култниот Portal. Се движите низ соби во кои „спакуваните“ загатки треба да ги решите за да продолжите понатаму. Она што ја прави оваа игра интересна за архитектите, е тоа што зградите и елементите на објектите се инспирирани од дела на познати архитекти, како што се Френк Лојд Рајт, Тадао Андо, Луис Кан.
Иако играта е наменета за широките маси, таа особено ќе ги заинтригира архитектите, бидејќи на секој чекор може да пресретнете некои препознатливи референци од светот на архитектурата, како што се, на пример, витражите на прозорци какви што ги работел Френк Лојд Рајт, пишува Curbed.
Ако не сте архитект, имате време до 2017 година за проучување на историјата на архитектурата, бидејќи тогаш Manifold Garden ќе излезе за PlayStation 4.