Системот за вештачка интелигенција на IBM наречен Watson, спасил живот на една 60 годишна жена од Јапонија со тоа што точно ја идентификувал нејзината болест која до тогаш не можела да биде откриена со конвенционалните методи, што им дозволило на докторите да развијат третман за неа.
Имено, Watson во Универзитетот Токио забележа ретка форма на леукемија кај една пациентка.
За да дојде до откритието (за што му требале само 10 минути), Watson ја разгледал целосната генетска информација на жената и ја споредил со 20 милиони клинички онколошки студии – нешто што би било невозможно да се постигне доколку за тоа биле задолжени луѓе. По споредбата, дошол до заклучок дека пациентката имала екстремно ретка форма на леукемија – инаку, таа претходно била дијагностицирана и третирана за акутна миелоидна леукемија, што нормално не дало никакви резултати бидејќи не реагирала на традиционалните третмани за тоа.
Според многу видни научници, ова е дефинитивен позитивен доказ за потенцијалот што го има вештачката интелигенција, која во иднина би можела да го промени светот.
Во САД, ваквите системи веќе се користат како поддршка на третманите за леукемија и мозочни тумори.