Приказната е стара колку и наставата – ученик поради било каква причина, користи туѓ труд за да ја изврши својата задача. Но, во 2024 година мамењето еволуираше: учениците користат алатка за вештачка интелигенција.
Според предавачите на универзитетите, програмите кои се компетентни за пишување студентски трудови го загрозуваат академскиот интегритет.
Академскиот труд, насловен „Разговор и мамење: Обезбедување на академски интегритет во ерата на ChatGPT“, беше објавен во образовно списание, објаснувајќи како алатките за вештачка интелигенција „покренуваат предизвици и грижи, особено околу академската чесност и плагијат“.
Она што читателите – па дури ни рецензентите кои го одобриле објавување – не го знаеле, е дека текстот го напишала вештачката интелигенција на четботото ChatGPT.
„Сакавме да покажеме дека ChatGPT пишува на многу високо ниво“, рече професорката Деби Котон, директорка за академска пракса на англискиот Plymouth Marjon University, која се претставила како водечки автор на текстот.
Котон, заедно со двајца колеги од Plymouth University, кои исто така тврделе дека се коавтори, ги известиле уредниците на списанието Innovations in Education and Teaching International. Но, рецензентите на тој труд мислеа дека е напишан од овие тројца научници.
The Observer разговарал со голем број универзитети кои велат дека планираат да ги избркаат сите студенти кои ќе бидат фатени дека го користеле овој софтвер.
Томас Ланкастер, компјутерски научник и експерт за мамење на тестови од Imperial College во Лондон, вели дека многу универзитети се „во паника“.
„Ако сè што имаме пред нас е документ, многу е тешко да се докаже дека е напишан од програм, бидејќи честопати е добро напишан“, вели и додава: „Употребата на англиски јазик и граматика често е подобра од онаа на студентите“.
Ланкастер предупреди дека најновата верзија на моделот на вештачка интелигенција, ChatGPT-4, е многу подобра и поспособна да пишува на начин што изгледа „почовечки“. Без оглед на тоаа, тој вели дека академиците треба да продолжат да бараат индиции дека студентот користел ChatGPT.
Универзитетот во Бристол е една од многуте академски институции што издала упатства за својот персонал за тоа како да открие дали студентот користел ChatGPT. Професорката Кејт Витингтон, соработник од универзитетот, нагласува дека: „Во случај на еден прекршок, не сте веднаш избркани. Но, јасно е дека нема да толерираме мамење бидејќи мораме да одржуваме одредени стандарди“. Таа додаде и дека: „Ако мамите на својот пат до диплома, можеби ќе се вработите, но нема да можете да напредувате во кариерата“.
Ајрин Глендинг, шефица за академски интегритет на Coventry University, вели: „Со зголемени напори се обидуваме да ја пренесеме пораката на студентите дека ако ги користат овие алатки за мамење, можат да бидат санкционирани“.
Секој кој ќе биде фатен во користење на овој програм, ќе мора да помине низ обука за употреба на вештачката интелигенција. Ако продолжат да мамат, универзитетот ќе ги избрка. „Моите колеги веќе наоѓаат разни случаи и работат на нив. Не знаеме колку пропуштивме“, рече Глендинг.
Таа ги повикува академиците да обрнат внимание на јазикот што вообичаено го користат студентите. „Ако не можете да го слушнете гласот на студентот, тоа е предупредување“, вели.
Со школарина од 9.250 фунти годишно, студентите само се залажуваат, вели Глендинг. „Тие трошат време и пари ако универзитетот не им служи за учење“.