Оваа еколошка зграда што се планира да биде изградена во близина на реката Темза и Лондонскиот мост е проектирана како комбинација од вертикална фарма и станбен дел, со што би се создал еден мал еко-систем во форма на „саќе“. London Tower Farm претставува дело на мексиканската архитектонска компанија Xome Arquitectos.
Зградата е така проектирана да ги собира атмосферските врнежи, да произведува енергија и храна за станарите на објектот. Xome Arquitectos при дизајнирањето на овој објект се воделе по претпоставката дека до 2050 година повеќе од 70% од светската популација ќе живее во урбана средина. Ако оваа претпоставка стане реалност, ваквиот тип на објекти ќе станат неопходни за модерниот начин на живеење.
Архитектите имале желба да проектираат простор каде што лугето може да учествуваат во повеќе активности како што е шопинг, работа и релаксација. Нивниот предлог за вертикална фарма во Лондон е претставен на конкурсот за проектирање LOFT AWR 2011.
Храната би се одгледувала во центарот на објектот, а самите станари би учествувале директно во производството на храна. Дел од произведените продукти би ги користеле самите станари, додека еден дел би се продавал.