Ликовната авторка Верица Ковачевска, која живее и работи во Швајцарија, учествува на единаесеттото по ред европско Биенале на современи уметности „Манифеста“, кое се оддржува од 11 јуни до 18 септември во Цирих.
На оваа позната манифестација, таа ќе учествува со својот нов перформанс „М11 Поп-Ап (M11 Pop-Up)”, кој ќе биде претставен во култното „Кабаре Волтер“ утре (2 јули), со почеток во 21 часот.
Ковачевска, заедно со италијанската архитектка Карола Далдос, ќе формира поп-ап продавница, кадешто ќе се продаваат уникатни дизајн елементи, кои се функционални, а се однесуваат на двете професии, уметност и архитектура.
Тие, на својата публика/клиенти ќе им обезбедат необично шопинг искуство кое е дел театар и дел трговија.
Делото ќе биде прикажано во рамките на перформанс програмата на „МАНИФЕСТА“ кое спојува уметници со не-уметници околу темата на работа, или „Што прават луѓето за пари?„.
Перформанс програмата, како и самата „Манифеста“ е курирана од германскиот кустос и уметник Кристијан Јанковски, а во која учествуваат Улај од Холандија, Адријан Пајпер од САД, Коко Фуско од Куба/САД, Софи Кал од Франција, и многу други.