Светската архитектонска сцена има свои богови. Тоа се легендарни, долговечни творци, кои со својот живот и дела одбележале, понекогаш и цел еден век. Биле сведоци на значајни настани и се основоположници на архитектонските патишта.
За време на својот живот биле ценети од своите колеги и од пошироката јавност, токму затоа што со своето творештво го облагородиле светот во кој живееме, а нивниот вечен живот го загарантирале архитектонските дела од кои ќе учат наредните генерации или ќе живеат и работат во нивните градби. И Македонија има свој Оскар Нимаер, тоа беше Вера Ќосевска, која нè напушти… на некое подобро место отиде тивко, без помпа.
Еден од најзначајните архитекти што сме ги имале, си замина ненадејно, беше витална и бистра и нè остави затечени, иако имаше 95 години. Имав чувство дека Вера ќе трае вечно, исто како и вредностите што ги негуваше, оние за сите времиња. Како и сè друго и ова Вера го направи без да оптоварува никого, полека, тивко си замина. И мило ми е што ѝ се остварија сите желби, некој ќе рече невозможно е тоа, но мислам дека во нејзиниот случај сè е можно. Затоа што желбите на Вера беа човечки, топли, рационални, добронамерни и чесни. Како што велат нејзините внуци, среќни сме што ѝ се исполнија и последните две желби, да дочека од двајцата внуци – правнуци и да замине на нога – така и се случи.
Вера Ќосевска дојде во Македонија во далечните 50-ти години и ни остави непроценливо богатство, огромен опус на архитектонски дела, се остави и себеси.
Делата на Вера го одземаат здивот. Пред нас се простира едно обемно творештво кое собрано на едно место претставува учебник за архитектонско проектирање. Архитектура ослободена од вишок, од сензација која создава пријатно чувство и спокој.
Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968-71
Творештвото на архитект Вера Ќосевска е бескомпромисно, без манипулации, дилеми, недоречености, творештво без интрига. Ни покажа што значи умеење, стручност, знаење и многу работа. Ни покажа како се создава архитектура, како таа се следи и негува како дете на кое му се посветува многу време и внимание, многу љубов и труд. Ни покажа како архитектот мора да е постојано присутен во создавањето на објектот, од раѓањето на идејата па сè до крајниот производ – реализиран објект. Нè научи како се останува доследен до крај.
Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
Вера ни остави современа архитектура актуелна и денес. Но што е исто така важно, можеби и поважно, Вера остави трага каква можат да остават само исклучителни личности. Таа нè научи како се сака архитектурата, како се чекори низ животот со достоинство и трудољубивост. Вера беше голем човек, беше вистински професионалец, покрај тоа што беше врвен архитект, еден од најголемите, беше вредна, дисциплинирана, исполнителна, одговорна, прецизна, Вера беше чесна до срж и високоморална, знаеше да почитува и да биде внимателна со сите. Во Вера имаше многу љубов, трпение и разбирање за секого. Вера нè научи дека личниот и професионалниот интегритет и квалитетната архитектура, едно без друго не одат.
Вера ја запознав поблиску во 2014 година кога ја доби наградата на ААМ „Андреја Дамјанов“. Ана и јас ѝ помагавме да го спреми каталогот и паноата за изложбата, така се зближивме. Беше многу благодарна за помошта, а ние сметавме дека тоа е најмалку што можеме да направиме за неа.
Свеченост поповод наградата на ААМ „Андреја Дамјанов“
Нашето дружење продолжи до крај. Јас бев фасцинирана од личноста на Вера. Не верував дека сè уште постојат такви луѓе, мислев дека се одамна потрошени, Вера беше последниот таков човек што го имавме, последното непроценливо богатство.
Вера е она Скопје, модерно, современо, скопско, по кое тагуваме. Во тоа Скопје каде и да се свртиш ја гледавме Вера.
Вера го поседуваше сè она што сметам дека се вистински вредности, а што мислев дека веќе не се почитуваат, видов дека може, бев воодушевена дека вистинските вредности живеат. Благодарна сум ѝ на Вера што ми покажа дека вреди да се верува.
Вера беше секогаш присутна на архитектонските настани, секогаш доаѓаше тивко, отмена, дотерана, со кармин и бисери околу вратот и велев дека е како англиска кралица. Вера беше нашата кралица, но во многу почовечка димензија.
Домот на Вера личеше на дом на архитект, оддишуваше со спокој и смиреност и секогаш сè беше на своето место. Исто како и нејзините дела, немаше претенциозност, агресивна наметливост, желба да се допадне по секоја цена, најекстравагантна работа беше Baileys, го пиевме со пршута и само кај Вера тоа совршено се слагаше.
Никогаш не ми го забораваше роденденот, (немаше социјални мрежи да ја потсетат), тоа ми беше најдрагата честитка. Постојано ѝ велев неверојатна си, како се сети, а таа ќе кажеше, луѓето што ги сакам никогаш не ги заборавам.
Но, немој некој да си помисли, затоа што Вера беше тивка и ненаметлива дека беше слаба. Токму спротивното, беше исклучително храбра и силна. Вера многу рано останала без родители, ја пораснале баба и дедо, а за да учи ја продала куќата во нејзиниот роден Осијек и вложила во своето образование. Студирала во Белград каде се вљубила, како што таа велеше во „мој Владо“ (Владимир Ќосевски, исто така одличен архитект, урбанист) и по дипломирањето двајцата доаѓаат во Македонија и оставаат непроценливо богатство.
Во своето образложение професорот Георги Константиновски кој беше претседател на Комисијата на ААМ, која на Вера ѝ ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ ќе напише: „Со гордост ќе констатираме дека ластовичката Вера Ќосевска е една од носителите на современата архитектура во Македонија. Не постои, речиси ниту еден нејзин објект од кој не зрачи духот на модерната архитектура, независно од тоа дали е од станбената, административната, здравствената или од образовната област. И денешните млади архитекти со своите дела неуморно го следат патот на архитект Вера Ќосевска. Тоа е вистинскиот пат на сегашноста и на иднината. Пат со богат творечки потенцијал чиишто реализации достојно се носат со современото светско архитектонско творештво. Пат исполнет, исто онака како и патот на арх. Вера Ќосевска.“
професорот Георги Константиновски и Вера Ќосевска
И навистина творештвото е фасцинантно. Мислам дека и во светот се ретки архитекти со толку обемно творештво, а сигурна сум дека Вера е најплодниот архитект кај нас. Почнала да работи на 1 август 1953, се пензионирала на 27 март 1989 година и за овие 36 години кариера изработила околу 150 проекти, од кој неверојатно, но вистинито, реализирани се 103! И тоа проекти изработени по сите стандарди и нормативи, од идеен до главен проект, по кој се изведувале објектите, а кои се комплексни по содржина, сложеност и обем.
Денес Министерство за правда
Нејзиното дело допрва треба посериозно да се проучува и публикува. Да се проучува особено во контекст на денешното архитектонско творештво, тогаш уште повеќе ќе осознаеме колку сме биле поквалитетни проектанти, колку сме изработувале квалитетни проекти и сме биле во чекор со времето. Особено затоа што не умееме да почитуваме, некои нејзини објекти се преобликувани, голем дел пропаднати и неодржувани. Вера ми раскажуваше колку била среќна кога ја повикале во Министерството за правда да ѝ кажат дека ќе го реновираат нејзиниот објект. Одговорна каква што беше, отишла на состанок со папката од проектот. Но кога стигнала таму никој не сакал да ја сослуша, пред неа ставиле писмо со документ за да даде согласност за промена на објектот. Вера не можеше да разбере општество кое сето тоа го дозволува и се разбира дека не потпишала, се свртела и заминала. Ми велеше шокирана: „Сања тие веќе го направиле проектот и очекуваа дека јас ќе потпишам согласност за пробликување“. За разлика од тоа многу беше задоволна од реконструкцијата на Театарот на народностите (денес Албански театар) и од почитта која ја покажале проектантите.
Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
Објектите од времето кога работела Вера, во духот на југословенскиот модернизам, денес не ги гледаме со доволно достоинство, па затоа во доволна мера не се ни проучени. Во меѓувреме она што во тоа време беше неподобно, денес се прави, па се рушат објекти, се преобликуваат, или се препуштаат на запуштеност, како и на брутална приватизација.
Ваквите бисери на хуманистичкиот пристап кон архитектурата се изложени на егзистенцијални проблеми, често менувајќи ги сопствениците или се преправаат и надградуваат. Ова трајно ја намалува вредноста на архитектурата и го намалува корпусот на примери за нејзината исклучителност, што пак произведува цела низа негативни последици со кои (очигледно) никој не се занимава.
Јас сум благодарна и среќна што ја познавав Вера, која многу ја сакав. Да се има Вера, животот добива поголема смисла. Затоа Вера ти благодарам за сè и ти ветувам дека ќе те чуваме од заборав, а знаеш дека јас и ти кога нешто ќе ветевме, тоа и го исполнувавме. Уште еднаш искрено сочувство до нејзиното прекрасно семејство на кое сакам како утеха да им порачам дека се среќни што ја имаат токму Вера.
Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977
ВЕРА ЌОСЕВСКА (родена Ротман), родена е на 27 март 1929 год. во Осијек, Хрватска. Гимназија учела во Загреб и Белград. Дипломирала на Архитектонскиот факултет во Белград во 1953 година во класата на професор Станко Клиска, со проект: Болница за костнозглобна ТБЦ во Калиште на Охридското Езеро.
По дипломирањето со сопругот Владимир Ќосевски, архитект, урбнист доаѓа во Македонија и се вработила во проектантското биро „Проектант” во Скопје. Во 1954 год. со сопругот го оформиле првото проектантско биро при Општинското Собрание во Охрид. Работела и во секторот за урбанизам и архитектура во Собранието на скопската околија. Од 1959-1961 работи во проектантско претпријатие „Агропроект” во Скопје, од каде преминала во бирото „Пелагонијапроект“ каде работела се до пензионирањето во 1989 година.
Добитник е на повеќе признаија и награди:
- Спомен плакета– „6 Ноември”- највисока награда на Општинско Собрание на Радовиш, за хотелот „Панорама” во Радовиш – 1980 година
- Спомен плакета– од ГП Пелагонија по повод доделувањето на највисоката Југословенска награда АВНОЈ на ГП Пелагонија – 1980 година
- Диплома на III БИМАС за проектот „ЦМЗ Живко Брајковски” во Општина Чаир во Скопје
- Златен индекс – од Архитектонски Факултет во Белград, по повод 50 годишниот јубилеј од осамостојувањето на Факултетот
- Награда „Андреја Дамјанов“ 2014 година од ААМ за животно дело
Полициска станица Гази Баба – Скопје, 1985
Позначајни реализирани објекти:
- Судската зграда во Охрид, 1961
- Здравствен дом во Струмица, 1963
- Населба “11 Октомври” во Скопје, 1964
- Болница во Куманово, 1964
- Општа болница во Струмица, 1966
- Педагошка академија во Штип, (Факултет за рударство), 1966
- Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968/71
- Противпожарен дом во Скопје, 1969
- Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
- Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
- Хотел „Панорама“ во Радовиш, 1974
- Стоковна куќа во Куманово, 1975-76
- Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977
- Здравствен дом – Валандово, 1982
- Полициска станица Гази Баба – Скопје, 1985
Судската зграда во Охрид, 1961
Здравствен дом – Валандово, 1982