За прв пат, бројот на легла достапни за туристите на главниот венецијански остров го надмина бројот на жители кои живеат во Венеција во текот на целата година. Овој алармантен податок доаѓа додека се чека одлуката на УНЕСКО за тоа италијанскиот град да го вклучи на листата на загрозени локации на светското наследство.
Некогаш срце на моќната поморска република, главниот остров на Венеција изгубил повеќе од 120.000 жители од раните 1950-ти.
Голем број проблеми избркале многумина, но луѓето главно го напуштале овој италијански град поради масовниот туризам, поради што населението на градот делува како малцинство меѓу илјадниците посетители кои секојдневно се движат по неговите плоштади, мостови и тесни улички.
Кога ќе се погледнат бројките, ситуацијата е следна: Венеција има 49.304 жители, додека во хотели и куќите за одмор кои се изнајмуваат има 49.693 туристички легла.
Активистичката група „Venessia“, која со години се бори за зачувување на културното и другите наследства на Венеција, од 2008 година го следи бројот на жители. Минатото лето бројот на жители прв пат падна под 50.000.
„Се чувствуваме како странци во сопствениот дом, затоа што кога шетате по улиците, ние сме малцинство. Само одвреме навреме гледате сограѓанин и го поздравувате оддалеку, инаку постојано сте опкружени со туристи“, вели Матео Секи, кој ја уредува веб-страницата на групата Venessia.com.
Групата „Ocio“ ги собира жителите на Венеција кои се фокусирани на станбените прашања во градот. Во април, тие поставија дисплеј на излогот на книжарницата „Марко Поло“ за да го прикажат зголемениот број кревети достапни на туристите во градот.
„Не можевме ниту да замислиме дека за неколку месеци бројот (на легла) ќе го надмине бројот на жители“, се вели во соопштението на здружението на веб-страницата.
Препораката на агенцијата за култура на Обединетите нации, Венеција да се додаде на листата на загрозени локалитети, ќе биде претставена на состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што почна во неделата во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
УНЕСКО во јули соопшти дека Венеција се соочи со „неповратна“ штета поради низа проблеми кои се движат од ефектите на климатскиот слом до масовниот туризам, истовремено нагласувајќи го „недостигот на значителен напредок“ на Италија во решавањето на овие проблеми.
„Иако бројот (на туристички легла) веќе го надмина бројот на жители во некои области, во пресрет на состанокот на УНЕСКО, сакавме да истакнеме како постојаното отворање хотели и недостатокот на регулатива за краткорочно изнајмување на сместувачки капацитети го трансформираа историскиот град во туристичка дестинација“, потенцираат претставниците на граѓанската група „Ocio“.
По големите поплави на крајот на 2019 година, а потоа и пандемијата што го намали бројот на туристи, посетителите летово во целост се вратија во Венеција. Во просек во градот имало 40.000 гости во текот на денот со најголема посета, што ги натера локалните власти во Венеција да објават дека од следната година ќе ја применат веќе долго разгледуваната наплата за влез во градот.
Таксата од пет евра ќе важи само за оние кои ќе го посетат градот на еден ден. Целта е да се одвратат од доаѓање во екот на сезоната и на тој начин да се зачува „кршливоста“ и „единственоста на градот“, велат градските челници.
Симон Вентурини, советник за туризам, истакна дека во овој случај не се работи за остварување профит, туку за изнаоѓање „нова рамнотежа меѓу правата на оние кои живеат, студираат или работат во Венеција и оние кои го посетуваат градот“ и додаде дека мерката ќе ја позиционира Венеција на глобално ниво како локација со таква заштита на наследството.
Меѓутоа, Матео Секи стравува дека иницијативата ќе ја претвори Венеција во тематски парк, наместо место каде луѓето сакаат да живеат и работат: „Венеција треба да го регулира туристичкиот проток, а не да наплатува влезници“.
Состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО трае до 23 септември, а не е познато кога ќе биде соопштена одлуката за Венеција.
Ова е втор пат во период од неколку години на градот, кој во 1987 година беше впишан на листата на светско наследство, да му се заканува ставање на црната листа.
„Не ни треба УНЕСКО да ни каже дека сме во опасност. Свесни сме за ризикот со децении, но можеби ставањето на листата на локалитети во опасност ќе ги поттикне властите да направат нешто“, рече Секи.