Таен велосипед – добро запаметете го тој термин, бидејќи наскоро ќе имаме можност да видиме како е кога превозното средство ќе одлучи да стане парче функционален мебел.
Велосипедот кој се претвора во фотелја е дизајниран со намера да го привлече вниманието на високите даночни оптоварувања на Бразил, кои достигнуваат и до 70 отсто. Ова ниво на данок ги прави велосипедите прилично скап производ, недостапен за голем дел од населението.
Целосното име на овој оригинален проект е Clandestine Bike, а предвидува потрошувачот сам да го избере форматот за купување на предметот: мебел или класичен велосипед. Засега, планот е овој прототип да се користи само за да се истакнат високите даночни оптоварувања – но, кој знае, можеби тоа ќе стане тренд во иднина.
За дизајнерот Денис Кардос, ваков проект е голема чест, но и предизвик. Исполнувањето на барањата за две многу различни функционалности за ист објект само по себе било иновативно. Покрај тоа, прилагодувањето на постоечките делови за велосипеди на пазарот на оваа нова рамка од дрво било голема задача, сепак успешно спроведена во дело.
Инаку, процесот на даночно ослободување би претставувал зголемување на потрошувачката од близу 20 отсто, што дополнително би го стимулирало секторот да го прошири производството, а воедно би стимулирал и голем број мали бизниси кои произведуваат велосипеди по барање.
Што ако можете да го возите велосипедот до работа, а потоа да го расклопите на вашата дестинација и повторно да го составите како канцелариски стол? Звучи како добра идеја, нели? Да се надеваме дека наскоро ќе стане реалност.