До крајот на оваа деценија, Велика Британија ќе може да се напојува со помош на мали нуклеарни реактори. Имено, Rolls-Royce планира да направи фабрички изградени електрани, односно мали нуклеарни станици. Активистите за заштита на животната средина се со поделени мислења кога станува збор за нуклеарната енергија. Едни сметаат дека е опасна за животната средина, а други сметаат дека поради постигнување на климатска неутралност потребно е да се користат сите расположиви технологии. Противниците на оваа идеја го застапуваат мислењето дека Велика Британија во целост треба да ја напушти нуклеарната енергија и да се фокусира на обновливи извори, што би бил поефтин извор. Компанијата Rolls-Roycе планира поставување на мали модуларни реактори на локации каде порано биле нуклеарни електрани. Во план е изградба на 10 до 15 станици. Кога станува збор за димензиите, секој град би можел да има свој реактор, но се јавува проблем со обезбедувањето на овие мали нуклеарни електрани од потенцијални терористички напади. Компанијата има нов пристап во изградбата при што драстично ќе бидат намалени трошоците. Ќе се користи роботска монтажа и други иновативни технологии. Некои се сепак скептични дека овој проект може да заживее во 2029 година, односно дали Британија ќе стигне со оваа транзиција, со оглед дека дотогаш ќе мора да го напушти јагленот и да ги постигне поставените цели во борбата против климатските промени.