Насловна / Архитектура / Велешката топилница како дел од урбаната целина на градот

Велешката топилница како дел од урбаната целина на градот

Прашањето на интегрирање (ре-интегрирање) во актуелните глобални и општествени рамки е од суштинско значење. Го согледуваме преку односот на градот како целосна структура и неговите расчленети урбани елементи. Градот како важен елемент на урбаните и територијалните градби е општествен и културолошки модел на оние што го населуваат.

figura 1

Фигура 1

Изборот на темата на овој магистерски труд, изработен под менторство на доц. м-р Виолета Бакалчев, произлегува од искрената потреба за справување со болните точки од биографијата на градот Велес, моменти кои претставуваат несреќни околности за заедништвото на урбаната структура. Резултатите од трансформацијата на градот од земјоделски во индустриски капацитет, од минатиот век оставаат делови од градската структура дезинтегрирана (во физичка и економска смисла), каде лесно може да се прочита што е град, а што не-град, што е резултат на природно ткаење, а што на промена предизвикана од вметнување на новоформирани индустриски зони (фигура 1, однос фабрика- град). Оттука, овој труд има за цел преку различни пристапи да ги истражи и осознае просторните и социо-културните перформанси на девастираните објекти на Велешката топилница преку модел на архитектурата од XXI век.

Предмет на ова истражување е откривање на потенцијалите на новосоздадените прекини во континуитетот на физичката структура на градот и структурата на Велешката топилница. Овој труд се занимава со наоѓање модел преку кој просторот одново функционално и физички би се интегрирал во урбаната целина на градот. Постапката кон наоѓање можности (функции) за повторно интегрирање на структурата на фабриката и припојување на нејзината форма кон градската композиција, вклучува три фази на разгледување на случајот.

Процесот на проектирање започнува со отстранување, не создавање. Првата фаза е анализа на постоечките објекти и нивна валоризација, утврдување на архитектонската вредност на објектите. Втората фаза подразбира отворање на структурата преку отстранување на одредени објекти (усвоени од првата фаза) и директно (физичко) поврзување со градот. Третата фаза вклучува проектирање на обединувачки концепт интерполиран во старата структура, кој претставува премин од нешто што било, кон нешто што ќе биде.

Опис на концептот

Градот е појдовна точка од која започнува формирањето на концептот за архитектонска интервенција. Ваквите широко поставени граници наложуваат дедуктивен метод на истражување, при кој границите  постапно ќе се стеснуваат, со што доаѓаме до конкретни решенија. Тргнуваме од три концепти кои меѓусебно се преклопуваат и ја создаваат теориската подлога за новата интервенција. Првиот аспект е разбирање на градот како систем од артефакти кои се поврзани и ја даваат јасната композиција на градот. Градот Велес го разложуваме на основните урбанистички  елементи и ги утврдуваме принципите на неговото функционирање. Во оваа слика, комплексот на фабриката ја издвојуваме како јасен артефакт за кој е потребно да се изнајде структурно, програмско, технолошко, еколошко решение и начин на одново квалитетно интегрирање на овој фабрички комплекс во современиот живот на градот (фигура 2, ситуација).

Model

Фигура 2

Разбирањето на колективната меморија како витална материја го формира вториот аспект на набљудување на случајот каде заклучуваме дека е потребно отворање на простор за нови случувања, платформа која ќе донесе нови можности за социјализација и креативно користење на отворениот простор. Отворањето на нов простор се случува и теоретски и физички. Со поставување на нова линиска структура која го следи правецот на постоечките објекти, се создава средишен простор чии силуети се дефинирани од архитектурата на фабриката (фигура 3, платформа).

figura 3

Фигура 3

Третиот аспект на концептот претставува обид за создавање на простор со променлива типологија, променлив размер и стил. Структурата на фабриката со својата егзистенционалистичка природа и став, кој е целосно конструктивистички, дозволува такво разгледување на случајот. Оформена според технолошките барања, таа нема однос кон физичката човечка димензија, но од друга страна, му дозволува на човек присуство со својата апстрактна величественост. Новопроектираната структура ја следи логиката на постоечката конструкција. Во обид да се создаде заробен празен простор се преплетуваат полното и празното, внатрешното и надворешното (фигура 4, трем).

figura 4

Фигура 4

 

Постоечките структури се ослободени од неупотребливата технологија и се соголени до својата конструкција. Овие простори заедно со новоформираната структура се поврзани со платформата што секогаш протекува низ нив (фигура 5, пресек).

Model

Фигура 5

Однос меѓу постојното и новопроектираното

          Најсилната врска помеѓу постоечките објекти и новопроектираната интервенција е преку предвидената програма. Размислувањето за сместување на универзитет и дел за студентско домување во рамките на градот, во структурата на фабричкиот комплекс, отвора можност за економско и социјално издигнување на градот. Истовремено, просторите што постојат во рамките на комплексот на фабриката, дозволуваат неверојатна флексибилност во насока на создвање на простор по мерка на корисниците (фигура 6, внатрешност).

figura 6

Фигура 6

Постоечките објекти се анализираат како обвивка која има потенцијал да заштити, да вдахне живот на нов потенцијален простор со одредена функција. При проектирањето, материјал за работа претставува празниот простор. Преку постапно разгледување на проблемот, на овој начин се овозможува систематско разгледување на фабричкиот комплекс како структура  која е поврзана со историјата на модерен Велес, која е поврзана со колективната меморија и свесноста за љубовта кон својот град.

figura 7

Фигура 7

Разгледувањето на нови можности за читање на градските артефакти преку современиот архитектонски принцип на додавање на сосема нови функции, нè носи до одреден модел за интегрирање на постиндустриските објекти во структурата на градот. Започнатата интервенција се одликува со незавршеност и можност за насочување на проектантскиот тек кон уште поконкретни архитектонски решенија (фигура 7, поглед кон „границата“).

Пишува: Марија Н. Димитриевска,

Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

logo uacs 10 godini.cdr

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top