Урбанистичкото проектирање станува важна, независна професија, која е позиционирана помеѓу архитектите и урбанистите планери од една страна, ги комбинира проектните можности со социо-географската наука, и стои помеѓу политичарите и инвеститорите од друга страна, притоа преклопувајќи ја промислата на стратешките акти и прагматичниот програмски инстинкт“ – Кес Кристијансе, 2009
Позиција на локацијата на зафатот во однос на градот
Шокантните, возбудливи и исклучително нестабилни години на македонската општествена транзиција во изминатите три декади создадоа комплексен амбиент за креирање на просторот во сите градови на нашата држава. Велес, во таа смисла, не е исклучок! Генералната девастација на индустриските капацитети и јавните институции, како и високиот степен на економска неизвесност, го променија начинот на продукција на градскиот простор, генерално запоставувајќи го неговиот општ квалитет. Во вакви услови, а придружено со недостаток на доволно финансии, идејата за создавање на градскиот простор според потребите на граѓаните беше заменета со инвестициска машина што се темели на профитната шпекулација.
Концептуален дијаграм
Иако секој инвестициски циклус се промовира преку квалитетот на новиот (градски) простор и преку економските бенефити за локалната заедница, генералниот ефект на нашите транзициски услови се огледа во сериозно деградирање на архитектонската професија и депласирање на нејзините основни начела, процес што се одвива паралелно со создавањето на несоодветно самоуверени инвеститори. Ваквото планирање и проектирање на просторот стана алатка која решава „итни“ проблеми и ја олеснува инвестициската логистика во која идеите се спроведуваат под притисок на моќ. Во услови кога нема кој да го застапува јавното добро и интересот на граѓаните, комплетно е нарушен балансот на влијанија во одлучувањето, а со тоа и во создавањето услови за квалитетен урбан раст.
Дијаграм на решение
Вредноста на оваа студија лежи токму во нејзината поставеност наспроти горенаведените ефекти. Во однос на содржината, но и според начинот на водење, таа претставува внимателно структуриран експеримент! Имено, студијата е приватна иницијатива на инвеститор кој својот претприемачки инстинкт го става во служба на експертското мислење од кое бара став за развој на одредена градска територија, не само како проектен елаборат, туку пред сѐ како планско-проектна визија во која се инкорпорираат развојни сценарија за многу поширок градски дел од територијата врз која истиот има право на сопственост. Тоа значи дека инвеститорот станува покровител на широкограда идеја со што се поставува во улога на заштитник на јавниот интерес, притоа обезбедувајќи логичен економски наратив и за својата иницијатива.
Композициско решение сса 80 ha
АНАЛИТИЧКИ СОГЛЕДУВАЊА
Целта на оваа архитектонско-урбанистичка студија е да се проверат перформансите на современото урбано живеење на градска површина која зазема приближно 1/10 од територијата на Велес. Овој град е особено интересен пример за проверка на можностите за урбан развој бидејќи претставува општина со повеќе од 50.000 жители и стабилен демографски раст што е квантитативна и територијална карактеристика за најголемиот број градови во нашата држава. Студијата претставува визија за дел од западниот раб на Велес, во граници дефинирани како главна развојна зона (потесна локација) од приближно 35 ха и контакт-зони (територија во непосредна близина на главната развојна зона) од 45 ха, што севкупно опфаќа нешто повеќе од 80 ха градска територија.
Студијата започнува со изработка на аналитички дел кој вклучува преглед на сите постојни и планирани инфраструктури, типо-морфолошките специфики на поширокиот контекст, опсервација на природниот пејзаж како и сопственички преглед на мноштвото парцели од кои е сочинет овој зафат. За потребите на Студијата анализирани се сите главни аспекти на постојниот ГУП, повеќе од 15 постојни ДУП-ови, клучните сообраќајни студии за градот, направени се повеќе од 15 аналитички мапи за инвентаризација на целата градска територија како и на потесната локација од интерес и изработени се повеќе од 400 фотографии за согледување на локалниот контекст и начин на користење на просторот. Овој сегмент од работата се заокружи со изготвување планска програма во која се дефинираа основните параметри за развој на овој дел од градот и се предвиде населба за 4.300 жители, со густини од 120 до 250 жители на хектар, со зеленило од 20 до 50 м2 по жител, со нови работни места за минимум 15 % од новопредвидените жители како и развоен процес за реализација на населбата од 15 до 20 години.
Овој дел од Студијата го создаде основниот информациски пакет, врз кој подоцна се поставија проектната идеја и сценаријата за развој на целиот зафат.
Нов урбан центар, ситуација со отворено приземје
ПРОЕКТЕН КОНЦЕПТ
Проектниот дел на Студијата препознава три клучни елементи на просторна организација околу кои се обединува целокупната идејна и стратегиска вредност на предвидената интервенција. Овие елементи ги подразбираат следниве карактеристики: континуирано присуство на урбани интервенции артикулирани како (1) острови на шпекулација кои продуцираат зголемена урбана активност (густина на програмски случувања и објекти), меѓусебно поврзани со (2) активно инфраструктурно ткиво (неизградено или слабо изградено) кое создава поврзани вериги, односно нова метаструктура со која на долгорочен план се спречува менување на основната проектирана урбана матрица, и (3) точки – средишта на интензитет кои се интерполирани на стратешки места низ целата територија на зафатот, акупунктурни точки, со кои дополнително се фиксира единството на населбата како засебна градска целина.
Во планско-просторна смисла генералниот концепт на проектот започнува да се генерира со препознавање на два клучни просторни ентитети. Првиот ентитет се однесува на менување на запуштен природен пејзаж и депонија на суровински материјал (нефункционален дел од фабриката „Киро Ќучук“) во нов линиски појас во вид на парк со средна широчина од 50 м кој треба да биде засаден со садници од густо и високо зеленило. Овој појас претставува филтер на воздухот, бидејќи е поставен соодветно на доминантните правци на ветер во градот, но и артифициелна граница со која се спречува стихијно ширење на градот. Вториот ентитет, оној на касарната, се предвидува да стане новиот градски инкубатор на социоекономска активност. Проектот предвидува реупотреба на скоро сите постојни објекти и полигони на касарната.
На овој начин се дефинираат две дистинктивни зони на проектот; едната со суперурбан, а другата (кон работ на градот) со урбан карактер кој претставува мек премин на градската урбаност кон природниот пејзаж. Всушност ваквата просторна диспозиција создава внатрешна и надворешна зона на населбата. Во нејзиниот централен сегмент веднаш до новото јавно средиште на градот лоцирано во рамките на територијата на касарната, се јавува делот на новиот урбан центар на населбата кој има доминантно станбен карактер и висока урбана густина од ~250 ж/ха, но и 30 м2 зеленило по жител. Ваквата ситуација се менува кон деловите на периферијата на зафатот каде градскиот седимент се „смирува“ со поставување ниска и средновисока станбена структура на куќи и колективни вили (~120 ж/ха и 50 м2 зеленило по жител).
Сите овие концептуални линии се дел од главниот идеен наратив на населбата која на овој начин станува алтер-его на постојниот град, негов коректив, негова отворена лабораторија и бета-верзија (Велес 2.0), но и негов придружен дел.
НОВ УРБАН ЦЕНТАР
Исправноста на својата „мултискаларна“ методолошка постапка, Студијата ја добива со проверка на поставените урбанистичко-просторни концепти во размер соодветен за архитектонска разработка. Карактерот на изградениот простор во овој централен сегмент предвидува објекти кои имаат различни висини, волумени и габарити со што се создаваат различни станбени структури и се добива можност за организација на различни начини на домување со различен животен стил, но и можност да се интегрираат социјални групи со различни финансиски приходи.
Типолошката разноликост на предвидената текстура на изградени габарити опфаќа објекти со двострана ориентација и отворени и полуотворени галерии по подолжните оски, објекти со централни секции организирани во еднакви ламели и кули. Во станбените згради се проектирани повеќе од 40 типови на станбени единици за повеќе од 10 видови на семејни заедници.
Станбен блок
хотел и администрација
Пешачките правци, а не објектите се примарниот елемент врз кој се создава скелетот на населбата, на што потоа се „закачуваат“ изградените структури и просторот „помеѓу“ нив. Самиот карактер на просторот „помеѓу“ прави тој да стане врзно ткиво што ја гарантира просторната кохерентност на населбата. Овие слободни површини не може еднозначно да се сведат на пешачки патеки или на игралишта и зеленило туку истите се конкретно кодирани како маалски дворови или маалски градини, односно овошни садници, декоративни дрвореди, локални градини, урбана дивина, житни појаси – бафер зони итн.
Автомобилскиот сообраќај се предвидува на периферијата на станбените блокови со куси улични краци кои пенетрираат во изграденото ткиво и на тој начин овозможуваат повеќе сообраќајни пристапи до објектите. Покрај олеснет пристап до објектите, ваквото решение дозволува фазна реализација на габаритите што секако претставува еден од главните економски аспекти во процесот на реализација на ваков вид на населби.
ЗАКЛУЧОК
Покрај создавање нов градски простор, Студијата има за цел да создаде култура на урбан проект во кој се преплетуваат јасни концептуални и идеолошки матрици: од одговор на прашањата што е мноштвен социопросторен амбиент и како истиот ќе ја произведува и развива културата на градското живеење, па сè до оние прагматични ставови кои се однесуваат на квантитативните параметри на градот – колку нов град ни е доволен, до каде да се развива, колку нови жители ќе се населат, колку ќе чини и колкав ќе биде економскиот бенефит?
Оттаму, вредноста на урбан проект од ваков формат и димензии лежи во неговата моќ да стане дискурзивен ентитет генериран исклучиво врз прецизно одбрани аналитички и проектантски процедури.
Со ваквиот проектен пристап се избегнува ексклузивно инвестициска или популистичка природа на новите градски населби, а комплексноста на изградената структура ги обединува просторните, социјалните и економските аспекти на градот.
Изготвувач на Студијата:
Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Автори на текстот и на Студијата:
Вонр. проф. д-р Слободан Велевски, вонр. проф. д-р Горан Мицковски, вонр. проф. д-р Марија Мано-Велевска, архитект планер Иван Арсовски
Соработници:
Урош Николоски, студент магистранд, Сашо Андријевски студент магистранд, Маријана Ковачки м-р по архитектура
Нарачател на Студијата:
Дејан Мирсинов, ДЕМАТЕЛИ ДООЕЛ Велес
Проектот Велес 2.0 се развива континуирано во период од 10 месеци од 2019 до летото 2020 година. Неговата јавна презентација се одржува во септември 2020 во организација на нарачателот и со поддршка на Општина Велес.
ФАКТИ И БРОЈКИ ЗА ПРОЕКТОТ
1. Нов линиски градски парк и парк-шума на територија од 20 ха;
2. Нов градски плоштад со површина од 3,0 ha со широк јавен простор за големи собири, концерти и сценски настапи, спортско игралиште со трибина, пазар со food court ресторани, библиотека-медијатека, центар на претприемништво и стартап, образовен центар, grass-root невладини организации;
3. Нов урбан центар за 2.600 жители (со густина на домување од 250 ж/ха и 20 м2 зеленило и јавни површини по жител), придружено со кафе-ресторани, заеднички градини и дворови, јавен простор, игралишта, хотел, со интегриран колекторски систем и автономен систем на паркирање како и станбено-деловен простор од 110.000 м2;
4. Нов бизнис-центар со минисаем, изложбени павилјони (showrooms) и големи трговски единици 20.000 м2;
5. Индивидуално домување во куќи за 1.700 жители (со густина на домување од макс.120 ж/ха и 100 м2 зеленило по жител), со интерполирани зони на урбана агрикултура;
6. Јасно дефинирање и безбедност на пешачкото движење и негова поврзаност со јавните простори и со зелените површини во населбата кои обезбедуваат 80 м2 зеленило по жител;
7. Оптимизиран сообраќаен пристап до сите станбено-деловни содржини со минимум сообраќајни коридори и решение кое прави хиерархија на движењето;
8. Обезбедена можност за повеќе од 2.000 паркинг-места за станбените, комерцијално-деловните и јавните објекти, како и дополнителни капацитети за паркирање со позиционирање на катна гаража, јавен паркинг (кај сегашната касарна) и park&ride центар на западниот раб од населбата;
9. Предвидени се нови образовни објекти и објекти од социјална заштита, односно градинка (100 деца), основно училиште (макс. 350 ученици), пензионерски дом и амбуланта;
10. Нови точки за инвестициски потенцијал за хотел со површина од 7.000 м2 со капацитет од 110 легла и придружни деловни и угостителски содржини, retail центар со површина од 4.000 м2, спортска сала и отворен рекреативен центар 11.000 м2, приватно училиште за средно образование или приватен медицински центар со 17.000 м2 површина на парцела.