Насловна / Арт и дизајн / Вечерва во МСУ – Скопје се отвора изложбата „Дефрагментација“

Вечерва во МСУ – Скопје се отвора изложбата „Дефрагментација“

Во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Ќе бидат изложени 96 дела од 86 уметници. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Дефрагментација

На оваа изложба која претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

ЈЕЖИ НОВОСИЈЕЛСКИ JERZI NOWOSIELSKI (POL)

Јежи Новосијелски, Град во планините, 1964

Како што велат и самите куратори, изложбата е потсетување на светската солидарност, концепт на кој се темели МСУ, а степенувањето на важноста на меѓународната соработка е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

„После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици“, потенцираат Јанчевски и Варошанец.

ЈОЗЕФ ЈАНКОВИЧ JOZEF JANKOVIČ (SVK)

Јозеф Јанкович,  Последна вечера, 1966

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.

ОРШОЛЈА ДРОЗДИК ORSOLYA DROZDIK (HUN)

Оршојла Дроздик, Време, 1978

„Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и  Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.

ФРАНТИШЕК МУЗИКА FRANTIŠEK MUZIKA (CZE)

 Франтишек Музика, Мртва природа со чинија, 1930

Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.

Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска. Изложбата е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во Република Северна Македонија.

Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2023 година.

Испрати коментар

Scroll To Top