Со изложба на фотографии од музички настапи на легендарниот Дејвид Боуви, закажана за вечерва во 20 часот во Сули ан, ќе се отвори првото издание на фестивалот за музички документарни филмови Skopje Cinema City.
На изложбата ќе бидат поставени фотографии изработени од славниот Бранислав Рашиќ, своевремено фотограф во рокенрол публикации во поранешна Југославија, денес музички фотограф со живеалиште во Лондон.
Рашиќ ќе присуствува на изложбата како гостин на фестивалот, а публиката ќе има можност да види десетици концертни фотографии на Боуви, снимани почнувајќи од неговата турнеја во 1983 година, па се до последните серии настапи од 2002 и 2006 година, пред неговото последно неколкугодишно повлекување од сцена. За изложбата во Скопје се пишуваше и на официјалната интернет-страница на Боуви.
Првата вечер е посветена на Боуви, па по отворањето на изложбата следат неколку одлични документарци за него, како „Дејвид Боуви – стариот актер“ на Алан Јентоб и „Берлин – инспириран од Дејвид Боуви“ на Вили Асгеирсон од Исланд.
Концептот на фестивалот е да се приближи македонската со европските и светските музички и филмски култури. Секоја година ќе има различна земја – партнер. Годинава тоа е Германија, а со поддршка на германската амбасада, во Скопје пристигнува и режисерот Ули Шупел.
Покрај филмската програма, во рамките на фестивалот ќе бидат организирани и работилници, предавања и мастер-часови поврзани со филмската музика, музичката продукција и културниот менаџмент.
Дел од филмовите ќе се прикажуваат и во Кинотека на Македонија.