Вечерва, пред платото на ГТЦ ќе се случува несекојдневен настан – некогашното скопско Корзо. Овој настан, барем на една ноќ, ќе му ги врати на Скопје спомените од минатото.
На корзото, повозрасните жителите на Скопје ќе имаат уникатна можност да се навратат во 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век, кога градот живееше во ритамот на непосредното дружење и добрата забава, додека пак помладите генерации ќе можат да го почувствуваат пулсот на Скопје во времето кога градот испишуваше една поинаква урбана приказна.
За корзото да биде автентично ќе се погрижи легендата на македонската диџеј-сцена, Драган Б. Костиќ, кој со неговата селекција на добра ретро музика ќе им овозможи на скопјани повторно да ги доживеат пријатните спомени од младоста.
Корзото ќе започне во 20 часот пред платото на ГТЦ (кон паркот Жена – Борец) и ќе трае до 23 часот. Овој настан е дел од кампањата „Излези за ГТЦ“, која има цел да ги мотивира граѓаните во општина Центар да излезат на претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 26 април, и да одлучат за изгледот на ГТЦ.