Насловна / Вести / Важно е пациентите да се чувствуваат опуштено и пријатно

Важно е пациентите да се чувствуваат опуштено и пријатно

Офталмологијата е гранка на медицината која се занимава со највредното и најчувствителното за човекот – очите. Поради специфичната и деликатна работа, офталмолошкиот ласерски центар Д-р Ристовски од Скопје посака да добие простор во кој неговите пациенти ќе се чувствуваат сигурно. Поради тоа го ангажираше нашиот тим архитекти, на кои им е доверена задачата да се добие нов и пријатен реновиран простор.

050

Во надеж да се намали анксиозноста, која се јавува речиси кај секој пациент при посета на лекар, нашиот тим испроектира ентериер каде луѓето ќе се чувствуваат опуштено и пријатно.

Богатството на форми, пријатни тонови и материјали во овој ентериер не наговестуваат чувство дека сте на лекар. Архитектите токму тоа сакаа да го постигнат.

018

Целта на реновирање на ординацијата беше да се добие поголем приемен дел, и да се добие простор кој ќе биде светол,  топол, модерен, со целосна слобода кон осмислување на истиот.

Приемниот дел каде престојува најголем број пациенти истовремено, чекајќи го својот ред за преглед, оддишува со мошне пријатна атмосфера. Правоаголниот пулт со својата форма потсетува на опуштен простор. Пултот е изработен од иверка со дрвен дезен, во комбинација со фарбан медијапан во бела боја, ногалки од метални профили електростатски фарбани во црна боја кои во основата завршуваат со исполна од зеленило – поларен мов.

042

Облогата на ѕидот зад пултот е изработена исто така од иверка во дрвен дезен кој е испресечен со дијагонални ленти исполнети со поларен мов.

024

Парчињата мебел – столовите се со современ дизајн, различна боја и форма, внимателно одбрани, кои придонесуваат на впечатокот на непосредност и опуштање во една неформална урбана атмосфера која остава пријатен впечаток.

Покрај приемен дел, има три ординации, помошни простории (остава и кујна) за непречено функционирање на процесот на работа, тоалет за вработените и пациентите и дел за оптика.

Во офталмолошкиот центар преовладува белата боја на ѕидовите која оддава впечаток на чистота и грижа за хигиената, неопходни при работењето. Оваа белина е надополнета, на делови и прекината со топли тонови на дрвените материјали, а на моменти како секвенци се појавуваат поинтензивни бои, како зелената на поларниот мов или од некаде извира интензивна боја на парче мебел. Сè со цел да се избегне формалноста на белата, чувството на строгост и дисциплина неопходни во медицината, за пациентите да добијат самодоверба и да се чувствуваат пријатно при својата посета на лекар.

038

Подот во ординацијата е од порцелански плочки со камен дезен, со димензија 120/60 сантиметри, под кои е поставено подно греење со грејна фолија во деловите каде има најголема потреба од топлина.

Ѕидовите во приемниот дел се со различна обработка, покрај белите ѕидови кои преовладуваат, други ѕидови се со техника на натур бетон на едната страна и релјефна структура со вертикални потези завршно молерисани со бела акрилна боја, аплицирана на ѕидот кај препознатливото лого на ординацијата. Логото поставено централно спроти пултот е од брусен инокс со суптилно скриено лед осветлување со што се нагласени контурите.

015

Тоалетите се едноставни и функционални со црни плочки со бела капиларна шара на кои се истакнува белата санитарна опрема, грижливо одбрана по својата форма и дизајн.

001

Делот за оптика каде може да се одберат соодветни очила е максимално поедноставен, поставен по должина покрај бел ѕид, каде главниот фокус е на рамките кои се истакнуваат на белината на ѕидот.

011

Автор: Биро Проект

Фото: Владимир СЕКУЛОВСКИ

Испрати коментар

Scroll To Top