Насловна / Вести / Важни еколошки настани кои не очекуваат во 2024 година

Важни еколошки настани кои не очекуваат во 2024 година

Исто како и во изминатата година, и оваа 2024 година ќе има бројни настани посветени на животната средина, биодиверзитетот и одржливоста. Програмата нa Обединетите Нации за животна средина (UNEP), на својот сајт има истакнато некои важни настани кои не очекуваат оваа година.

Веќе во овој месец (23-ти до 25-ти) не очекува Берн III Конференцијата за соработка помеѓу конвенциите во врска со биодиверзитетот за имплементација на Глобалната рамка за биодиверзитет Kunming-Montreal. Оваа конференција се фокусира на унапредување на имплементацијата на оваа Глобална рамка, со поттикнување на инклузивна соработка и размена на практични искуства. Во февруари ќе се одржат два важни настани. Првиот, кој ќе се одржи од 12-ти до 17-ти февруари, ќе биде 14-тиот состанок на членките на Конвенцијата за зачувување на миграторните видови на диви животни. Шестото заседание на Собранието на ОН за животна средина (UNEA-6), е вториот настан кој ќе се одржи од 27-ми февруари до 1-ви март. Четвртата седница на Меѓувладиниот преговарачки комитет ќе трае од 21-ви до 30-ти април. Комитетот, со поддршка на UNEP, настојува да изгради меѓународнен правно обврзувачки инструмент, кој се занимава со загадувањето со пластика, опфаќајќи ја и морската средина.

calendar1

Од 28-ми до 30-ти мај, претстои Конвенцијата од Најроби – COP 11. Станува збор за регионален договор кој работи на заштитата, управувањето и развојот на Индискиот океан. Вториот глобален состанок на националните фокални точки во Монтевидео ќе се одржи од 3-ти до 5-ти јуни. Посветен е на унапредувањето на владеењето на правото во областа на животната средина. Од 17-ти до 21-ви јуни, ќе биде одржана Третата седница на Ad Hoc отворената работна група за панелот за научна политика, со цел да се унапреди здравото управување со хемикалии и отпад, и да се работи на спречување на загадувањето.

calendar2

Крајот на октомври ќе го одбележат два настани. Првиот ќе биде од 21-ви до 23-ти октомври, и станува збор за меѓувладин состанок на Координативното тело за морињата на источна Азија, а ќе се фокусира на клучните стратегии за управување со морското опкружување во регионот на источноазиските мориња. Вториот настан ќе започне истиот ден, а ќе трае до први ноември. Тоа е Конференција на Конвенцијата за биодиверзитет. Крајот на годината е резервиран за исклучително важниот настан – Конференцијата на ОН за климатските промени (COP29), која ќе се одржи од 11-ти до 24-ти ноември во Азербејџан.

Испрати коментар

Scroll To Top