Насловна / Архитектура / Васту, фенг шуи, геомантија… (2 дел)

Васту, фенг шуи, геомантија… (2 дел)

Колку повеќе се проучуваат културите на Индија и Кина, сè повеќе се воочува дека кинеската произлегува од ведската култура на Индија. Откако е пренесена во Кина, кинеската таоистичка традиција ја вклопила науката на васту во својата култура, приспособувајќи ја, додавајќи и одземајќи ѝ по нешто, сè додека во тој дел на светот не станала позната под името фенг шуи. Ако ги споредиме овие две знаења, древната индиска наука васту и кинеската фенг шуи, тие се слични, со разлика како помеѓу голем и мал речник. На пример, во васту петте елементи се: земја, вода, оган, етер и воздух. А во фенг шуи се: земја, вода, оган, метал и дрво. И во двете, нивното влијание се комбинира со физичките закони и космичките сили во природата.1. baguamap

Слични паралели се наоѓаат помеѓу древната индиска и кинеска медицина. Во васту и фенг шуи се применуваат истите принципи кои се однесуваат како на животната сила во телото така и во куќата, бидејќи куќата се смета за тело на нашето тело. Секоја куќа или човечко тело, низ главниот влез „вдишува“ одреден квалитет на „животна сила“ или „животен простор“ кој понатаму окупира, дава енергија и создава простор со добар, лош или помешан енергетски квалитет на живеење.3. Shenzhen

Шенџен, Кина

Што е фенг шуи?

Фенг шуи во суштина е умеење да се посматраат природните форми во просторот, (планините, водните текови) и да се препознае квалитетот и енергијата (наречена „чи“ или „ки“) што тие ја испраќаат. Терминот фенг шуи има пошироко значење. Фенг ги опфаќа ветерот, воздухот, гасовите, облаците, зраците, радијацијата, бурите, тајфуните и енергетските полиња. Со фенг се интерпретираат оние елементи кои влијаат на струењето на ветерот: брда, планини, карпи, згради и објекти кои ги изградил човекот. Шуи ги вклучува: езерата, реките, потоците, водопадите, сите проточни води, бари, мочуришта, дождови, патишта, улици, лед, снег, билки и сите останати живи суштества кои пијат вода. Зборовите фенг шуи, во превод значат „воздух и вода“. Во кинеската култура ветерот и водата се поврзани со добро здравје, добар фенг шуи значи добра среќа, а лош фенг шуи значи лоша среќа. Фенг шуи се базира на таоистичката визија и разбирање на природата, особено на идејата дека земјата е жива и полна со енергија (чи).

2. Peking

Пекинг, Кина

Фенг шуи е комплексен корпус на стари знаења кои откриваат како да се балансираат енергиите на секој простор за да се обезбеди здравје и среќа на луѓето.

Некои од учителите на фенг шуи велат дека тоа е наука за практикување на природни науки, други велат дека е за правилно сместување, но сите се согласуваат дека целта на фенг шуи е создавање на здрава и хармонична средина за живот и работа, која придонесува за подобрување на здравјето и обезбедување на изобилство и просперитет на семејството. Класичниот фенг шуи, за време на древна Кина бил грижливо чувана тајна која се пренесувала само со учител на внимателно одбрани ученици, кои ги изучувале овие знаења и повеќе од 15 години. Мајсторите на фенг шуи морале добро да познаваат повеќе дисциплини, посебно космологија, астрономија и географија. Тие биле многу почитувани и ценети. Биле задолжени за среќата, здравјето и просперитетот на царевите и царските династии, за што гарантирале со своите животи.

5b, Burj-Al-Arab

Бурџ Ал Араб, Дубаи, Обединети Арапски Емирати

Со раселувањето на Кинезите низ светот во минатиот век, тајните на овие учења излегоа надвор од Кина. Во последните триесетина години почнаа да се  пренесуваат и станаа популарни скоро во целиот свет. Напишани се многу книги. Организирани многу инстант курсеви за обука… , многу луѓе низ светот, повеќе или помалку, сериозно ги сфаќаат и проучуваат. Меѓу нив има архитекти, екологисти и луѓе од други различни професии. Сите објекти во фенг шуи се анализирани според нивната форма, материјал, боја, петте елементи и принципите на јин и јанг. Правецот во кој зградата стои, како и околната структура, определува дали е успешна и во хармонија со околината.

Целта на фенг шуи е да се постават објектите онаму каде што поминува добра енергија. Постојат места кои не се добри за домови на луѓето и подобро е тие да бидат оставени во природната состојба. Во рамките на самиот објект, позицијата на архитектонските карактеристики, како што се врати, прозорци, ходници или стилот, декорацијата и мебелот што се користи, треба да бидат во хармонија. Еве неколку примери на градови и на понови објекти, изградени во светот, кои според мајсторите на ова древно знаење имаат добар фенг шуи:

Пекинг се смета за идеален избор за главен град на државата во согласност со теориите на фенг шуи. Тоа е град опкружен со планини, што е критериум број еден во фенг шуи. Се наоѓа помеѓу двата крака на планината Кунлун (Kunlun), лево и десно. Теоријата на фенг шуи смета дека планините симболизираат луѓе низ целата земја кои се поддршка на градот. Водниот систем, исто така, совршено одговара на стандардите на добар фенг шуи. Уште императорот Qianlong од династијата Qing (1644 – 1911) утврдил дека најсветлата и најслатката вода од цела Кина е во Пекинг.

4. City Hall, London, 1

4b. city hall interior

City Hall, Лондон, Англија

Шенџен (Shenzhen) е главен град на јужниот дел на Кина, во провинцијата Гуандунг. Се наоѓа северно од Хонгконг со кого го дели Бисерната река. Областа е прва во Кина. Една од најуспешните специјални економски зони. Шенџен е прекрасен град со добар фенг шуи и убав поглед. Со добра местоположба. Тој е успешен град кој игра важна улога во развојот на кинеската економија.

City Hall, Лондон, Англија, е објект на Администрацијата на Големиот Лондон. Проектот е изработен во 1998 година, изградбата траела околу пет години и чинела околу 65 милиони фунти. Архитект е Норман Фостер, а реализацијата е на „Фостер и партнери“. Радикалната форма ја минимизира површината изложена на директна сончева светлина (приближно 25% помалку од еквивалентна правоаголна зграда) и заштедува енергија. Од чиста перспектива на школата на формата, лебдечкиот дизајн е идеално поставен на јужниот брег на реката Темза. Во однос на фенг шуи елементот е метал, што е добро за градско собрание, општинска зграда.

The Sydney Opera House by Jack Atley

Операта во Сиднеј, Австралија

Бурџ Ал Араб, Дубаи, Обединети Арапски Емирати е четврти највисок хотел во светот, висок 321 метар. Проектот е на англискиот архитект Том Рајт. Изграден е во периодот 1994 – 1999 година. Овој уникатен објект, изграден на свој остров во форма на едра, како еден вид Арапски брод, е интересен пример на ветер и вода. Од гледна точка на фенг шуи тоа е тип на зграда на елементот на дрво, што значи дека добива поддршка од својата водна средина.

7b. Kansai-International-Airport-Osaka-Japan

Аеродром Кансаи во Осака, Јапонија

          Операта во Сиднеј, Австралија, е објект кој стана архитектонски белег на 20 век. Данскиот архитект Јорн Утзон (Jorn Utzon, 1918-2008) во 1957 година, го доби овој проект на конкурс. Објектот е започнат во 1957 година, а завршен е дури во 1973 година. Во 2003 година ја доби Прицкеровата награда, која е најголемата награда за архитектура. А во 2007 година е прогласен за дел од светското наследство на УНЕСКО. Според фенг шуи, неговиот аголен дизајн го класифицира како објект од типот на оган. Совршен е за објект наменет на уметноста. Сепак, неговата водна околина може да доведе до несогласувања, посебно помеѓу вработените.

8a. Kingdom-Centre

Kingdom Centre (или Burj Al Mamlaka), Ријад, Саудиска Арабија          

Аеродром Кансаи во Осака, Јапонија. Кон крајот на 1960 г., регионот на Кансаи согледал дека му е потребен нов аеродром блиску до Заливот Осака. Поради вревата, одбрано е да се изгради на вештачки остров во самиот залив. Островот (кој е најголем вештачки остров, 4 км/1 км), се градел во период 1987-1991 година. Изградбата на терминалот почнала во 1991 а завршила во 1994 година. Проектот е на италијанскиот архитект Ренцо Пиано кој победил на меѓународен конкурс. Со должина од 1,7 км тој е најдолг објект во светот. Конечната цена на островот и терминалот е 14 милјарди $. Интересно е дека од големиот земјотрес во Кобе во 1995 година, терминалот нема претрпено никаква штета. Според фенг шуи, овој објект е од типот на вода, поставен во водна животна средина и е совршен за патување и комуникација.

 

           Kingdom Centre (или Burj Al- Mamlaka) изграден е во престолнината на Саудиска Арабија, во Ријад, во периодот 1999 – 2002 г. Проектот е на американската компанија Ellerbe Becket. Објектот има 99 ката. Содржи апартмани, деловен простор, трговски центар, хотел, џамија и опсерваторија, сместена на висина од 297 метри. Со висина од 302 метри, тој е втор највисок облакодер во Саудиска Арабија и трета највисока зграда во светот со празен простор. Во 2002 г. објектот ја доби наградата „Emporis Skyscraper“ како облакодер со најубав дизајн во светот. Според мајсторите на фенг шуи, зградата е од метален тип во зона на оган и земја, а се базира на историски геомантички принципи.

ГЕОМАНТИЈА – древни европски знаења за архитектурата

Геомантија е древно знаење за Земјата, вештина како да се комуницира и соработува со суптилните димензии во просторот. Знаење кое е готово исчезнато од свеста на европската традиција и култура и кое сега повторно се појавува во вид на холистички пристап на Земјата, природата и околината. Тоа се знаења и вештини како да се воспостави рамнотежа во нас самите и во нашиот простор.

Геомантијата како целосна екологија ја проучува природата холистички, како целосен екосистем, препознавајќи го протокот на енергиите во просторот. Истражува подземни води, раседи, го чита магнетското поле на Земјата.

Во Европа била пренесена од арапските трговци. Последните траги се наоѓаат во средниот век, кога се користела како знаење како да се постави град, црква или објект. Рамнотежата во природата била примарна, а земјата се доживувала како живо битие. Се практикувала со векови. Таа е западен еквивалент на фенг шуи. Знаење со кое чекор по чекор се доведува во рамнотежа нашиот простор, станбен или деловен, нашиот парк, шума, планина, со изворните енергии на Земјата. Геомантијата се проучува во повеќе земји, посебно во Словенија, Австрија и Германија.

Како да се живее здраво во согласност со природата?

Дури и пред илјадници години било вообичаено да се гради и живее во склад со природните принципи. Човештвото, посебно во минатиот век, ги прекрши законите на природата. Дозволи да управуваат непромислените економски и прагматични одлуки. Сега законите на природата се светат. Наградуваат или казнуваат. Глобално загревање, непогоди, многу неприродни болести… Надежта е во растот на трендот за заштита на животната средина. Појавениот интерес за древните знаења за архитектурата како васту, фенг шуи, геомантија, треба да се анализираат и во тој контекст. Бројот на објавени книги, организирани семинари и обуки во светот, што е сè поголем, зборува за тоа. Покажува дека посензитивниот и поразумен дел на човештвото сака повторно да ги освои своите природни врски и знаења со природата. Убаво е да се знае дека сè повеќе луѓе ја почитуваат природата… Меѓу нив има екологисти, инженери, некои школи за архитектура и луѓе од различни други професии. Нив ги обединува иста цел, да се пронајде и сочува балансот со  светот што нè опкружува, преку универзалните закони на природата и правилата на градба кои носат хармонија помеѓу човекот и природата, кои носат здравје и просперитет.

Испрати коментар

Scroll To Top