Насловна / Вести / Вашингтон ја слави пролетта со „Црешов цут“

Вашингтон ја слави пролетта со „Црешов цут“

Ништо подобро не го претставува доаѓањето на пролетта во Вашингтон, од црешовиот цут и тринеделната манифестација за таа пригода. Незаборавна е глетката на редовите садници, градот како да се буди од миризбата на деликатните бели и розови цветови, па видливи се насмеаните и спокојни лица на преку 1,5 милиони посетители годишно.

Vasington spomenik so cvet_resize

Помалку чудно е да се замисли дека пред повеќе од еден век, овој дел на главниот град на САД, бил речиси пуст. Фестивалот „Црешов цут“ се одржува од 1927-ма, наваму, и претставува олицетворение на американско-јапонското пријателство. Вклучува маркантна парада, бројни музички настапи, уметнички изложби, едноставно нуди многу забава. Требаше да трае од 20-ти март до 12-ти април.

Jeferson obvien so cut_resize

Но, годинава сите ќе ја паметиме по глобалната пандемија, и од безбедносни причини, како и секаде во светот, јавните собирања се забранети, музеите затворени. Како резултат, едно од главните обележја на Вашингтон може да се види само по виртуелен пат. Поставени се неколку камери долж реката Потомак и езерцето во близина на споменикот на Томас Џеферсон, а официјалната веб-страница по повод настанот изобилува со безброј информации, видеоматеријали, идеи за креативни проекти и фотографии кои будат носталгија. Организаторите отпрвин беа оптимисти дека со придржување до мерките на претпазливост, барем дел од активностите ќе можат да се реализираат, но кусо потоа, откако посетителите сепак не можеа да ѝ одолеат на природата и доаѓаа во поголеми групи, околните патеки и улици беа комплетно затворени за сообраќај.

Reka vo pozadina_resize Ruzvelt nakiten so cut_resize

За да се подготви еден ваков фестивал, потребна е речиси цела година.  Надлежните рекоа дека и покрај предизвиците, остануваат определени на мисијата, чија цел е поврзување и културолошко збогатување на двата народа и на луѓето воопшто. „Исто како што црешовите дрвја претставуваат симбол на отпорност, надеж и обнова“, велат тие, „така и настаните, иако поинакви, ќе продолжат да ја негуваат традицијата“.

Red cresi red vrbi_resize

КАКО ПОДАРОКОТ ОД ЈАПОНИЈА СТАНАЛ ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА?

Приказната за почетоците на оваа традиција е извонредна, исто како и самите црешови дрвја и можеби никогаш немало да се случи, да не постоеле неколкумина ентузијасти.

Дејвид Феарчајлд од Американскиот оддел за земјоделство, е еден од нив. Бил познат по љубопитноста за нови култури коишто би имале економска полза за одгледувачите. Оптимизмот вродил со плод, и во САД донел разни видови зеленчук и овошје, како манго од Индија, праски од Кина и авокадо од Чиле, на пример.

Cut odblizu_resize

Во црешовите дрвја или сакура, Феарчајлд се вљубил во 1902 година кога ја посетил Јапонија, со себе успеал да земе 125 дрвја и ги засадил во својот двор во сојузната држава Мериленд. Штом се појавил цут, веднаш порачал уште 300 нови, и им ги подарил на локалните власти.

Photoshoot_resize

Елиза Скидмор, првата жена автор, фотограф и член на бордот директори на магазинот „Национална географија“, е исто така една од главните промотори за црешовите дрвја во САД.  Подолго време живеела и работела во Јапонија, а овие дрвја толку многу ја импресионирале, што ги нарекла „најубавото нешто на светот“. Во 1885 година предложила тие да бидат засадени во Вашингтон, но властите ја одбиле. Сепак, тоа не ја обесхрабрило, и во 1909 година почнала да собира донации. За среќа на сите нас денес, во пресрет на иницијативата ѝ излегла тогашната прва дама на САД, Хелен Тафт.

eliza _resize

Токму таа година, градоначалникот на Токио му подарил на Вашингтон две илјади цреши, меѓутоа на разочарување на многумина, садниците биле заболени и морало да се уништат.  Втората пратка од 3.020 дрвја пристигнала во 1912 година и е всушност почеток, не само на зацврстеното пријателство меѓу двете земји, туку и на традицијата тоа да биде секоја година прославувано. Подарокот бил обновен во 1965 година, со уште 3.800 цреши.

Првите две дрвја ги засадиле госпоѓа Тафт и сопругата на јапонскиот амбасадор во САД, на 27-ми март, 1912-та година, на западната страна на Потомак.  Фестивалот „Црешов цут“ се родил токму од оваа скромна церемонија на којашто присуствувале само неколкумина.

Setaliste so soncevi zraci_resize

ПРИРОДНА УБАВИНА ВО ТРАЈНО НАСЛЕДСТВО

Денес, според податоците на Американските национални паркови,токму долж реката Потомак и околината, распространети се околу15 видови на околу 3.700 цреши.  Најдоминантни, или 70 проценти од вкупниот број, (но и најомилени за посетителите), се дрвјата jошино. Животниот век на црешите во просек е меѓу 15 и 20 години, но некои од оригиналните садници сè уште цветаат.

Umetnik 1_resize

Umetnik 2_resize

Убавината на црешовиот цут е моќен симбол поистоветен со минливоста на човековиот живот, воедно претставувајќи ја трансформацијата на јапонската култура низ вековите.

Уживам и ги фотографирам овие дрвја во Вашингтон години наназад, но од оправдани причини,овој пат ви нудам неколку фотографии од неодамнешното минато.  Останува да се надеваме дека следната година сè, па и овој магнет за сетилата, ќе се врати во нормала и ќе можеме повторно физички да го почувствуваме.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Испрати коментар

Scroll To Top