Архитект, Валентино Константиновски е новиот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ.
Роден е на 19 јуни 1963 година во Скопје. Дипломирал 1990 година на Архитектонскиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема „Архитектонски факултет“ под менторство на проф. Димитрие Голубовски.
Веднаш по дипломирањето се вработил во работната организација за проектирање и изведба на ентериери „Бујото“, каде што работи до 1992 година, кога преминува во проектантското биро на градежното претпријатие „Техника“, од каде се префрла во проектантската куќа „Инженеринг Инвест“ во Скопје. Во 1994 година се здружил со уште четири архитекти и го основаат проектантското студио „Е.Т.А.П.А.“. Постојан член е на Асоцијацијата на архитекти на Македонија од 1995 година и член на Комората на овластени архитекти и овластени инженери од нејзиното формирање.
Од различната палета на проекти, остварувања и учества на меѓународни конкурси – некои од нив и наградени, посебно се издвојуваат: Индивидуален станбен објект „Стаклена куќа во три нијанси на сиво“; Станбено-деловен комплекс „Тројански коњ“ во Кисела Вода, Скопје; Центар за едукација и превенција од природни катастрофи, Истанбул, Турција; Универзитет за информатички технологии, студентски дом и спортска сала во Скопје; Природно-научен музеј на Матка; Индивидуален станбен објект „Тријада“ во населба Бардовци; Станбено-деловен комплекс „Дишоо“ во Скопје; Станбен комплекс „Бела“ во населба Бардовци; Ноќен клуб „Универзум“ во Скопје и други.
Секако вреди да се спомне и неговата самостојна изложба претставена во Музеј на град Скопје во февруари 2011 година со наслов „Созревање“, во која беа изложени 32 архитектонско-урбанистички проекти од авторот и од неговиот тим на коавтори и соработници. Со истиот наслов промовирана е и книгата во која се содржат 25 избрани проекти.
Тој е редовен учесник на БИМАС со свои проекти веќе 28 години.
Редакцијата на Порта 3 Ви го честита изборот за претседател на Управниот одбор на ААМ. Нè интересера кои се мотивите кои Ве поттикнаа да се кандидирате за претседател и кои се Вашите приоритети во делувањето на ААМ?
Навистина сум почестен од Вашата покана, сакам да ѝ се заблагодарам на Редакцијата на Порта за честитките.
Можноста за нови предизвици, да се влијае организирано и стручно во едно извонредно широко поле на опфат за професионално делување, иницијативноста која ми е постојан сопатник и наклонетоста кон тимско работење се првичните мотиви кои ме поттикнаа за кандидатурата. Приоритетите се детално образложени во нашата предлог-програма која е транспарентна и ќе биде достапна во најскоро време на веб-страницата на ААМ, која е во фаза на подготовка.
Како архитект, а сега и претседател на ААМ што мислите за актуелната архитектонска продукција? Влијаеме ли професионално во создавањето на градот и уредувањето на просторот или сме само извршители на инвеститорите?
Влијанието за жал е мало, може слободно да се каже дека во голем дел сме само извршители на инвеститорите, како што велите, но сепак има едно „но“… За тоа да не биде така, треба да се работи максимално и да се бориме со сите наши потенцијали. На нашата борба ќе ѝ нема крај, додека постоиме ќе постои и таа.
Кај нас во градежништвото од поодамна постои една масовна појава, на која јас по долго размислување ѝ го дадов името – „Свето Тројство“. Тоа е всушност еден вид спрега која постои помеѓу главните учесници: инвеститорот, сопственикот на локацијата за градба, власта (локалната самоуправа) и дел од изработувачите на деталните урбанистички планови. Борбата со нив ќе биде особено тешка бидејќи тие се мнозинство, имаат голема моќ, пред сé финансиска и имаат заеднички интерес, а тоа е што е можно повеќе квадратни метри за градба.
Притоа, најмалку се мисли на квалитетен и хуман животен простор за идните корисници, што би требало да биде приоритет во изготвувањето на урбанистичките планови. Нашата професија е многу одговорна работа, повеќето учесници не се ни свесни за тоа, или можеби така им одговара.
Заедничка фотографија со УО на ААМ – МСУ
Во последните три децении, пред очи ни се случи распаѓање на урбанистичките вредности кои претходно се подразбираа и беа загарантирани. Дали ААМ прави доволно во борбата за јавното добро?
Живееме во време на масовна себичност, кога луѓето во секојдневниот живот и за време на работата премногу се водат од своите лични интереси, заборавајќи притоа дека некогаш треба да направат нешто и за заедницата. Да мислиш на некој друг, на останатите, на општото добро, побудува пријатно чувство, или со други зборови тоа е „племенита задача“, а во исто време и голем предизвик.
Прогрес без вложување во општото добро е невозможен, тоа е услов и главен показател за нивото на развој на општеството. Третманот на јавниот простор е примарен во урбанизмот, а тој во моментов е сосема запоставен.
ААМ нема никакви законски ингеренции да промени нешто, спречи или санкционира, освен да дава свое мислење кога се однесува на борбата за јавното добро. Тоа во најголем број случаи не се почитува, ниту од законодавните, ниту од извршните државни институции, а со тоа стручното мислењето се сведува на чиста формалност, колку да фигурира.
Доколку правиме хронолошка анализа може да констатираме дека по нашето осамостојување како држава, дозволивме капиталистичкиот општествен систем да продре стихијно и неконтролирано во сите сегменти. Истото важи за архитектурата и урбанизмот, имавме историска шанса да не биде така, но за жал не ја искористивме. Резултатот е видлив, и е разочарувачки.
Архитектот и ААМ одамна го изгубија своето место во општеството. Зошто недоволно се почитува стручноста? Има ли тука и наша вина?
Тоа е точно, но не се работи само за архитектурата, тое се случува со сите професии во државата. Сведоци сме на комплетна ерозија на вредности на сите полиња, свеста е под секое ниво. За таквата состојба најмногу влијае вмешаноста на политиката, која е навлезена во сите пори на општеството. За да се променат состојбите на подобро, треба да се вложи многу напор, поточно потребна е промена на „начинот на размислување“ кај луѓето, што секако е тежок и долг процес. Но, тој е клучен за развој на општеството.
Бидејќи состојбата е таква каква што е, секое мало помрднување напред би можело да биде корисно. Понекогаш таа долгорочна стратегија на мали придвижувања, но повеќе на број е препорачлива и се покажала како успешна во голем број на случаи.
Говорам општо, но сите овие работи се однесуваат и за архитектурата, а секако и за Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Биеналето на архитектура – БИМАС е една од најзначајните манифестации организирани од ААМ, воедно и најголемата смотра на архитектурата. Впечатокот е дека посетеноста не е на завидно ниво, а понекогаш и наградите се дискутабилни. Правени се обиди за воспоставување на универзални, стручни критериуми при доделување на наградите, но тоа не заживеа. Мислите ли дека ова може да се промени?
Биеналето на архитектура – БИМАС за нас архитектите е вистински празник со времетраење од петнаесетина дена, период во кој се случуваат многу настани, покрај самата изложба која е секако примарна. Секое биенале е приказна за себе и не би сакал да генерализирам, успешноста зависи најмногу од концептот, добрата организација, потоа од посветеноста на тимот кој е вклучен во неговата реализација, а можам слободно да кажам и од просторот во кој се изложува.
Покрај горенаведеното, од голема важност е квалитетот на изложениот материјал, кој всушност ја отсликува вистинската состојба на архитектурата, урбанизмот и дизајнот во нашата држава во дадениот временски период, а за која е одговорен селекторот на самиот настан.
Што се однесува до наградите, тоа е сепак субјективно прашање, не сум доволно убеден дали би можело да се воспостават некои универзални критериуми. Мислам дека вистинскиот избор на жири комисијата ја игра клучната улога. Таа треба да е составена од архитекти со реноме, со стекнати општествени и други признанија, проектанти со големо искуство, меѓу кои треба да има и од помладата генерација. Всушност треба да е многу внимателно одбрана, а можеби треба да се размисли и на проширување на тимот на комисијата со еден до два членови од странство. Секако и тие треба да бидат истакнати и угледни архитекти.
Што ѝ е потребно на ААМ за зголемување на членството?
Неспорен е фактот дека членството на ААМ е со изразено мала бројка за држава од близу два милиони жители, што загрижува и ја отсликува моменталната состојба во нашата професија. За да се подобрат состојбите, треба многу посветено да се работи на реализација на ветувањата од програмата за која сте добиле доверба од колегите архитекти преку доверениот мандат. За некои планови е потребно повеќе време, но треба да се започне и упорно да се работи на нивното остварување.
Потребна е постојана иницијатива за анимирање на членството активно да учествува на разни актуелни теми, преку бројни настани како што се стручни дебати, панел-дискусии, предавања, работилници, конференции и слично. Исто така од голема важност е да се почне процес на вклучување на младите архитекти и студенти во остварување на програмските задачи на новото раководство на ААМ. Тие би биле моторната сила на Асоцијацијата. Во тој случај, со голема доза на сигурност, сметам дека членството значително ќе се зголеми.
Конечно Комората успеа да се избори составен дел на Законот за градење да биде Ценовникот за висината на минималниот надоместок на услугите на архитектите и инженерите. Од Ценовникот архитектите многу очекуваа, но имплементирањето не е на посакуваното ниво. Планира ли ААМ тесно да соработува со Комората во механизмите за следење на доследна примена, контрола и санкција на Ценовникот?
Верувам дека не постои архитект во Македонија кој активно се занимава со проектирање, а кој не го поздрави излегувањето на Ценовникот за висината на архитектонско-инженерските услуги. Ова е нешто што требаше одамна да се направи, но сепак е чекор кој треба да се поздрави и да му се даде целосна поддршка.
Што се однесува до неговото имплементирање, се работи за комплексен и макотрпен процес кој бара многу труд, залагање и добра волја на сите страни кои учествуваат во процесот. Крајниот резултат секако би бил статусот на архитектот и самата професија да се кренат на едно повисоко ниво.
Секако, соработката со Комората е неопходна и треба уште да се продлабочува, не постојат граници во можните опции за отворена соработка базирана на заедничките интереси.
Во Македонија има голем број на факултети за архитектура. Дали треба да се ограничи оваа масовна продукција и како да се влијае во процесите на стручното образование?
Ерозијата на вредностите во општеството се рефлектира и во образованието. Со отворањето на голем број факултети во државата се нанесе голем удар на квалитетот на наставата, а најпогодени се секако студентите.
Повеќето од приватните факултети кај нас на студентите гледаат исклучиво како на бројки, се трудат да запишат што е можно повеќе студенти, не водејќи притоа грижа за најважната работа, а тоа е квалитетот на наставата, секако со чест на исклучоци. Редукција е неопходна, нè има премногу. За тоа државата треба да води сметка, долгорочно да ги планира кадрите кои ќе ѝ бидат потребни, но мислам дека тоа во блиска иднина нема да се случи.
Општо, во целиот свет бројот на архитекти е поголем од реалните потреби. Затоа и критериумите се спуштени на пониско ниво, квантитетот е поважен од квалитетот.
По завршувањето на студиите, студентите се стекнуваат со титула магистер по архитектура. Се случува некои од нив да немаат основни познавања, не знаат правилно да нацртаат пресек од објект, прилично се боси во знаењето.
Би сакал мојата критика да се сфати како добронамерна, да биде поттикнувачка, всушност без критика нема напредок.
Архитектите по дипломирањето се соочуваат со проблеми при вработување, особено ако сакаат (а најголем дел сакаат), да се занимаваат со проектирање, иако добиваат ниски плати како млади проектанти. Комората најавува утврдување на минимална инженерска плата. Сметате ли дека ова е добро решение и дека со тоа ќе се подобри и квалитетот на архитектонските услуги?
Да, сметам дека е добро да се утврди минимална инженерска плата, но истата да биде достоинствена, предложена од Комората за поголем стимул на младите архитекти проектанти.
Најголем дел од дипломираните студенти по архитектура тргнуваат да го следат патот на парите, за проектирање се одлучуваат многу помал број, бидејќи очигледно тоа е потешкиот пат.
Кај нив нема доволно стремеж за повисоки достигнувања, за стручна надградба, освен заработката на пари. Би рекол дека не постои желба за успех во професијата по пат на фер натпревар со конкуренцијата.
Да бидеме објективни, во нашата професија напредувањето оди многу бавно.
Подобрувањето на квалитетот на архитектонските услуги зависи најмногу од желбата за истакнување на истиот, ослободувањето од субјективниот пристап и секако од организираниот настап на архитектите за постигнување на заедничките цели.
Што би им порачале на архитектите, особено на младите?
Како архитект од праксата, би им порачал да истражуваат, да бидат аналитични, максимално љубопитни, жедни за нови знаења, но многу внимателни, прецизни и вешти во нивната примена. Во исто време да соработуваат со повозрасните – поискусни колеги, формирајќи тим кој меѓусебно се надополнува и несебично го пренесува своето знаење за остварување на крајната цел – финалниот производ (квалитетно изработен проект / реализиран објект).
Да се вложуваат искрено, целосно, без калкулации.
Постапувајќи според овој рецепт, со еден сериозен континуиран пристап резултатите ќе следат, тие се неизбежни.
Да посетуваат и активно да учествуваат на архитектонски конкурси, изложби, работилници, форуми, конгреси, фестивали, стручни предавања за збогатување и развој на сопствениот професионален профил.
Да користат и читаат стручна литература, да ја следат архитектонската теорија паралелно со праксата. Да претпочитаат тимска работа во настапот кон новите предизвици.
Да се негуваат особините со трајни вредности како што се истрајноста, трпението и континуитетот. Секако сето ова важи за амбициозните млади колеги, оние помалку амбициозните самите ќе си го пронајдат својот пат.
Да бидат добро подготвени, се работи за нивниот професионален животен маратон…