Насловна / Архитектура / Вака ќе изгледа новата болница во Пљевља: Турското решение избрано за најдобро

Вака ќе изгледа новата болница во Пљевља: Турското решение избрано за најдобро

Министерството за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора минатата недела ги објави резултатите од меѓународниот конкурс за идејно архитектонско решение на општата болница во Пљевља, на кој беа поднесени 49 конкурсни трудови во периодот од 9. февруари до 14. април годинава.

Наградниот фонд изнесуваше 77.000 евра и беше распределен меѓу трите првопласирани труда, како и три еднакво вредни откупи, а жирито со кое претседаваше Владан Стевовиќ, главен државен архитект во поменатото министерство, одлучи да ја додели првата награда на решение потпишано од тим архитекти од Турција.

1_3

Прва награда

Сепарација на функционални единици

Првопласираниот тим го сочинуваат истанбулските архитекти Burak Pelenk, Eda Yazkurt Pelenk, İlayda Karaca и Ecem Bengisu Üncü i, и ним им припадна награда во износ од 37.000 евра, а како што се наведува на почетокот на образложението на жирито, просторниот концепт на ова решение ги задоволува условите на расписот на конкурсот.

1

Прва награда

„Програмскиот пристап е конципиран на сепарација на функционалните целини и нивно меѓусебно поврзување по хоризонтала и вертикала со други заеднички простори лоцирани во сутеренските и приземните етажи. На овој начин се постигнува квалитетен третман на сите поединечни зони на кат +1, кои меѓусебно комуницираат преку проѕирни коридори, што му овозможува на корисникот едноставно движење и функционирање“, наведува жирито.

Како еден од квалитетите на решението, жирито го посочува пристапниот наткриен пасаж, по кој посетителите пристапуваат до главниот влез.

1_2

Прва награда

„Квалитетот на решение во обликувањето се огледува во формирањето на компактни мали блокови со заедничка база, кои како такви, можат да обезбедат нови амбиентални вредности во урбаната матрица на градот, притоа не претендирајќи да станат водечки визуелен репер на градот, кој доминира во градската слика“ – изјави жирито, во кое еден од членовите беше архитектот Mauricio Meosi, помошник директор во Zaha Hadid Architects.

„Во форма која промовира помал размер на објектот, а која на некој начин претставува архетип што се мултиплицира, видлива е комуникација со локалната архитектура и контекст, која е транспонирана во современа форма. Непретенциозната материјализација на објектот, но и специфичната фенестрација, одговара на оваа типологија, која се кодира во белината на објектот“ – се заклучува во образложението.

1_4

Прва награда

Чист и едноставен архитектонски израз

Втората награда, која носи 18.000 евра, ја доби авторскиот тим од Црна Гора, составен од архитектите Милош Гачевиќ, Гаврило Вуковиќ и Ивана Тасиќ.

„Архитектонското решение промовира модерен пристап кон обликувањето, сведувајќи ја комплексноста на функционалните барања на чист и едноставен архитектонски израз“ – се нагласува во образложението.

2

Втора награда

Жирито додава и дека употребата на бели алуминиумски профили на фасадата долгорочно може да претставува економски потфат кој многу ќе изискува во процесот на одржување, во многу специфичниот климатски контекст на Плевља.

Компактни блокови спакувани во архетипски единици

Третата награда во износ од 10.000 евра им припадна на учесниците од самиот југ на Средна Америка, односно на архитектонскиот тим од Панама составен од Hoze Isturain, Nadin Sam и Alsides Montenegro.

Жирито наведува дека програмскиот концепт на ова решение се заснова на креирање компактни блокови кои се спакувани во архетипски единици, а кои се по вертикала поврзани со останатите заеднички функционални содржини од подрумот и приземјето.

3

Трета награда

„Согледувајќи го решението во однос на постоечкиот комплекс, се чита континуитетот во зоналниот пристап, но кој е унапреден токму со создавање на внатрешни – топли врски меѓу блоковите. На овој начин се создава функционална и просторна сепарација на одредени блокови, што му овозможува на корисникот едноставно движење и комуникација“ – ја објаснува својата одлуката жирито.

Откупени трудови

Автори на трите откупени трудови во еднаков износ од по 4.000 евра се белградското биро PLAT.FORM.A (Бојана Ковач Ѓурасиновиќ, Милош Ѓурасиновиќ и Павле Мајсторовиќ), турскиот тим во состав Sıddık Güvendi, Cihan Sevindik, Resul Ekrem Zengin, Mehmet Sait Aktay, Ayceren Karabiyik и Yaren Hazal  Erman и уште еден тим од Србија составен од Стефан Ѓорѓевиќ, Далиа Дуканац, Кристина Жилиќ, Маја Савиќ и Татјана Аргакијев.

Сите трудови пристигнати на конкурсот можете да ги погледнете на овој линк.

Испрати коментар

Scroll To Top