По речиси 20 години работа, во сабота „Утрински весник“ ќе го издаде својот последен број.
Претседателот на синдикатот на „Утрински весник“, Љубиша Станковиќ, на својот Фејсбук профил ја објави веста за згаснување на весникот.
„После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота ќе згасне ‘Утрински весник’. Треба да се запамети името на оној што ќе го погребе весникот!“, напиша Станковиќ.
Тој е еден од весниците во издаваштво на МПМ, чии новинари штрајкуваа минатиот месец поради неисплатени плати. Тие бараа средба со сопственикот Срѓан Керим, но останаа игнорирани.
Во меѓувреме, на сајтот на Агенцијата за вработување беше објавен оглас во кој се бараат 55 новинари, за ангажман на определено време од 6 месеци и плата од 20 илјади денари од компанијата „Медиа Принт ДООЕЛ – Скопје“, фирма ќерка на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), во чија сопственост се наоѓаат и весниците „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“.