Утре, четврток во 19 часот во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се отвори архитектонска изложба „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“.
Во годината кога Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата…, сето тоа значајно и подеднакво придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.
Станувајќи стратешка алатка за трансформација на градот во космополитска метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи во Скопје кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи. Иако во последната деценија е предмет на превреднување, овој, по многу нешта единствен период од турбулентната историја на Скопје сè уште се бори за соодветно признание, подложен на драматични и деструктивни промени.
Пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина преку обемна изложба, конференција и книга, „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ пристигнува во Скопје. Концептуално збогатена со уметнички дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност во Скопје, подарени од грчки уметници, се надеваме дека не само што ќе помогне да се врати сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје, туку и ќе придонесе за заживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 20 јануари, 2024 година
АВТОРИ НА ИСТРАЖУВАЊЕТО / КУРАТОРИ:
Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос
ИСТРАЖУВАЧКИ ТИМ:
Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Христос – Георгиос Критикос
ИЗРАБОТКА НА МОДЕЛИ:
Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Зоран Петровски, Ана Ташковска
ОРГАНИЗИРАНО ОД:
Континео 2020
ПОДДРЖАНО ОД:
Министерство за култура на Република Северна Македонија
Музеј на современата уметност – Скопје
Фондација Константинос и Ема Доксијадис
Државен архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Амбасада на Република Грција во Република Северна Македонија
Дојран Стил