Граѓаните на скопската општина Карпош се организираат за протести против донесувањето на ДУП-овите за населбите Карпош 4, Карпош 3 и Тафталиџе, заради како што велат „сомнителното и нетранспарентно носење на деталните урбанистички планови, сечата на дрвја и зеленило за сметка на згради.“
Протестот и револтот против новите урбанистички планови ќе започне утре (сабота) во 12 часот на крстосницата кај трговскиот центар Сити Мол на булеварот „Партизанска“.
На социјалните мрежи граѓаните веќе се организираат за настанот. „Да се спротивставиме на сечата на дрвја и зелени површини за сметка на нови згради. Да побараме укинување на урбанистичките планови, кои беа донесени без знаење на граѓаните, во нетранспарентна постапка“, „Да го спасиме Карпош. Излези и спротивстави се на дебармаализацијата на Карпош“, повикуваат од иницијативниот одбор.