Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи, во соработка со групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје – НаТочак, јавно ќе ја прогласат Највело општината во Скопје и околината за 2023.
На прес-конференција ќе бидат објавени победничките општини во неколку категории.
За време на прес-конференцијата, на сите победници ќе им бидат доделени рачно изработени статуетки.
Настанот ќе се одржи утре, 23 август во 9:30 часот на јавниот простор пред ЕВН Центар (раскрсницата на ул. Ленинова со ул. Борка Талевски).
Изминатиов период, граѓаните имаа можност преку онлајн гласање да се вклучат во изборот за Највело општина и да дадат своја оценка.
Покрај ова, во предвид беа земени и одговорите на самите општини од Скопскиот плански регион за инвестициите и активностите што ги презеле на ова поле, како и барања за информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи.
Преку наградата за „Највело општина во Скопски плански регион“ организаторите посакуваат да бидат поттик на локалните власти да се стремат кон создавање подобри услови за граѓаните кои го користат велосипедот како свое секојдевно превозно средство.