И оваа есен повторно се организира регионалната акција „Дрво на пријателството“ што ја спроведува Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ) во соработка со Мој Воздух/AirCare во Македонија и други локални партнери во сите земји од регионот на Западен Балкан.
На 19 и 20 ноември ќе бидат засадени вкупно 400 дрвја во повеќе градови во регионот, вклучително и во Скопје и тоа на две локации на територија на Гази Баба како една од најголемите индистриски општини во градот.
Граѓанската акција ќе се спроведува на 20ти ноември од 12:00 часот на локација парк во н.Автокоманда спроти Ветеринарната станица и локација парк во н.Железара кај училиштето Григор Прличев. Ќе бидат посадени 50тина зимзелени брзорастечки дрвја а во акцијата ќе учествуваат граѓаните кои живеат на овие подрачја, зелени активисти и други активни претставници на невладини организации за заштита на природата.
Целта е да се покаже дека со преземање на индивидуална одговорност и алармирање на јавноста за сериозноста на проблемот со загадувањето на воздухот, можно е да се направи разлика на локално и регионално ниво.
„Оваа акција, која се организира втора година по ред, има цел да ја покаже солидарноста на западниот балкан, посебно кога станува збор за аерозагадувањето. Тоа не е проблем само во Скопје, туку и во Белград, Тирана, Сараево, Приштина и многу други градови во регионот. Само преку соработка, споделување на знаење, и градење на долгорочни планови, ќе може конечно сите да дишеме чист воздух. Скопје во континуитет секоја година се наоѓа на листата на најзагадени градови во светот, и важно е постојано да се преземат заеднички и конкретни чекори за обнова на фондот на дрвја кој постојано се намалува поради сечи.“ вели Горјан Јовановски основач на апликацијата Мој Воздух.
Земјите од Западен Балкан имаат најлош квалитет на воздухот во Европа. Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија се подеднакво изложени на загадувачи на воздухот.
Со оваа акција, Мој Воздух заедно со Европскиот фонд за Балканот и локалните партнери од другите земји најавува продолжување на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ чија цел е намалување на загаденоста на воздухот и подобрување на квалитетот на животот во регионот преку солидарност, а која е предвидено да започне во декември оваа година.
Контакт лице: Горјан Јовановски
e-mail: [email protected]
071545369