Утре, 12 ноември, во галеријата Чифте амам, се отвора 14. меѓународно биенале на фотографската уметност – „Фотомедиа“, во организација на фото клуб „Елема“ од Скопје.
ФК „Елема“ опстои во скоро невозможни услови и успева да организира изложба која е значајна во светски рамки и која ја промовира Македонија ширум светот.
Во денешно време каде што се гледаат само профитите и во морето на дигитални изложби, кои неминовно донесоа турбо-фолк во фотографијата, со своето бавно биенално темпо „Фотомедиа“ е една од ретките изложби на која се испраќаат готови-испечатени фотографии и која е апсолутно непрофитна и се базира на огромен волотнерски труд и посветеност кон фотографијата на дел од членовите на ФК Елема.
Иако е се помал бројот на општествено одговорни компании, односно скоро сите се брутално незаинтересирани за поддршка на квалитетни настани од културата, неколку македонски компании покажаа доблест и ја поддржаа и оваа „Фотомедиа“, како и Министерството за култура и Градот Скопје.
На изложбата ќе бидат претставени околу 150 фотографии од сите седум континенти.
Добитник на овогодинешното Гран при е Аугунас Ромуладас од Литванија, традиционално за денот на градот Скопје, наградата како покровител ја доделува Град Скопје.
Како куриозитет на оваа „Фотомедиа“, додека се разгледуваат фотографиите, ќе биде пуштана музика која е софтверски генерирана од имињата на сите автори кои испратиле свои дела на изложбата, имињата на нивните дела и имињата на сите вклучени во процесот на подготовка на оваа „Фотомедиа“.
Изложбата ќе ја отвори академскиот сликар Сергеј Андреевски.