Утре, со почеток во 17 часот ќе се одржи втор протестен марш на здружение на над 40 граѓански движења и иницијативи. Маршот за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух! Ќе почне од пред зградата на Министерството за животна средина и просторно планирање, а крајната цел е пред Владата.
Организаторите велат дека остануваат на улиците за да ги потсетат властите на нивните барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт, кое не смее да чека повеќе ниту момент!
“Се бориме за живот од ден за ден. Умираме по илјадници годишно од загаден воздух. Мутираме, пренесуваме на поколенијата болести поради сеопфатната загаденост во која живееме, во која се раѓаат нашите деца. Белите дробови ни се зацрнети, иако не сме сите пушачи. Живееме во време на еколошка катастрофа. Ние се бориме за живот, а имаме само декларации за заложби. Бараме да се исполнат основните предуслови за да се покаже дека навистина нашите животи значат, дека илјадници прерано починати и заболени се причина нашите животи да станат приоритет на оваа држава. Нашите над 100 барања се тие предуслови со кои власта ќе покаже дека навистина сме приоритет, ние, нашиот живот и здравје“, велат организаторите.