Здружените граѓани од Карпош 3, Карпош 4 и Тафталиџе 1 тврдат дека Јакимовски и општинските власти долго време упорно одбиваат да дадат одговор на повеќе прашања, а со соопштението и утрешниот собир, како што велат, сакаат да ги потсетат дека падот на вредноста на нашите станови заради деградирањето на животната околина со прекумерна изградба и хиперпродукција на станови – не е развој. Исто така, сметаат дека не е развој ниту уништеното зеленило, сообраќајниот метеж и загаденоста на воздухот.
Ви го пренесуваме соопштението со прашањата кои неформалните здруженија на граѓаните сакаат да му ги постават на градоначалникот Стевчо Јакимовски и општинарите:
„-Бидејќи во законот не постои терминот фиктивен ДУП и фиктивни паркиралишта, како градоначалникот ги дефинира тие термини и какви се гаранциите дека фиктивното нема да станат реално? Или, фиктивно е единствено ветувањето на градоначалникот?
-До Градоначалникот и Претседателот на Советот на општина Карпош на 10.11.2015 поднесовме барање за дополнителни информации во врска со нивниот одговор за несвикување на Граѓански собир. Баравме да специфицираат на кој член од законот се повикуваат и со што ја поткрепуваат својата одлука. На ден 20.01.2016 е пратен и потсетник до истите во врска со ова барање. До денеска, сѐ уште немаме одговор. Бидејќи Општината не е законски обврзана со рок да даде одговор на прашања во обични дописи, но има законска обврска во рок да одговори на барање за пристап до информации од јавен карактер, на ден 02.02.2016 поднесени се две барања. Со првото барање ги поставуваме истите прашања на кои се обидовме да добиеме одговор преку дописот до општина од 10.11.2015 година и потсетникот од 20.01.2016. Прашањето е: На кој образец се доставуваат потписи за свикување на собир на граѓани и кои се законските услови за свикување на собир на граѓани?
-На ден 20.01.2016 година до советниците на Општина Карпош, Претседателот на Советот на Општина Карпош и Градоначалникот на Општина Карпош е испратен допис во кој прашуваме што се прави во однос на приоритетите утврдени со Локалниот Акционен План за животна средина за периодот 2011-2017. Имено, со ЛЕАП-от како прв и најприоритетен клучен проблем се дефинира воздухот и предвидено е да се изготви систем за проценка и информирање за влијанието на аерозагадувањето врз здравјето на луѓето за периодот од 2011 до 2015. Прашувавме каде се резултатите од активностите преземени и ставени на хартија, поткрепени со буџет? На овој допис сѐ уште немаме добиено одговор, иако истиот допис е испратен на електронска пошта 1 месец претходно односно на ден 15.12.2015.
-Бараме Општина Карпош, наместо да му плаќа на „Сити мол“ паркинг места за жителите на Карпош кои живеат во контактните зони со молот, да ги искористи сите правни механизми и да му наложи на раководството на „Сити мол“ да си обезбеди бесплатен паркинг за своите посетители, како што прават сите молови во светот. Особено оние кои заради урбанистичка грешка се сместени сред станбени населби. Со тоа би ја избегнале апсурдната ситуација што ја предлага општината: жителите на Карпош „бесплатно“ да се паркираат во „Сити мол“, додека пред нивните згради бесплатно се паркираат посетителите на молот од цела Македонија, јужна Србија и Косово.
-Бараме Општина Карпош да работи транспарентно, да ги вклучи граѓаните во процесите на донесување одлуки и да го штити јавниот интерес, а не интересот на урбаната мафија. Сѐ додека не се исполнат нашите барања ние ќе протестираме и ќе се бориме против профитерскиот урбанизам кој ги обезвреднува нашите имоти и го уништува препознатливиот квалитет на живеење во Карпош, за кој најмногу е заслужен хуманистичкиот урбанизам од 60-тите години на минатиот век.
-Го повикуваме Градоначалникот на Општина Карпош јавно да се произнесе за сите поставени прашања и писмено да одговори на истите. Воедно, ги повикуваме сите совесни граѓани, организации и политички партии да ги подржат нашите барања, со тоа што ќе истите бидат ставени во нивните програми за активности и подобрување на животот на граѓаните. Со тоа би се поддржале граѓаните од чиј данок се плаќаат потребите и редовните активности на општината, а не инвеститорите кои го гледаат профитот и го уништуваат нашиот животен стандард“, стои во соопштението потпишано од граѓани од Карпош 3, Карпош 4 и Тафталиџе 1.