Утре, во 18 часот, на античкиот локалитет „Стоби“ ќе биде отворена голема изложба на дела од реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015). Проектот е насловен „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.
Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.
Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Делата ќе бидат поставени поединечно или во посебни групи/целини на 24 различни точки низ локалитетот, а ќе бидат презентирани и неколку дидактичко-едукативни пунктови, од кои едниот ќе биде простор во кој ќе бидат изложени модели и ситна пластика од студиото на Хаџи Бошков, како и посебен простор за проекција на документарен видеоматеријал, поврзани во еден логичен редослед, по патека што овозможува движење во две насоки.