Насловна / Арт и дизајн / Утре изложба на Филип Конески „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“

Утре изложба на Филип Конески „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“

На 30. декември (сабота), во 14 часот, во Laboratorium, ЕДукативЕН КУЛтурен ЦЕНТАР, ќе се случи прва самостојна изложба на архитектот Филип Конески „ИЛУСТРАЦИИ ОД ПОСТЗЕМЈОТРЕСНАТА ОБНОВА НА СКОПЈЕ“.

Изложбата ќе биде поставена неколку дена, додека единствено на отворањето во сабота од 14-16 часот ќе може да си набават разгледници од илустрациите и избор на разгледници од збирките на МАРХ.

Изложбата „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“ е дел од проектот „60 години од 5 и 17“ кој е сочинет од три дела. Личната историја на авторот, поврзана со илустрациите на тема Скопје, започнува уште во средношколските денови, се развива низ факултетскиот период и го добива својот зенит по дипломирањето кога почнува јавно да ги објавува на социјалните мрежи.

Како медиум користени се рачни и дигитални техники и софтвери, додека нивото аплицирање се применува на сувенири, плакати, флаери, улична уметност, налепници, магнети, тапети, мурали и сл. Изложбата е сочинета од илустрации кои се започнати една декада наназад и разработувани во периодот до нејзиното отворање. Првичната мисла беше потикната од постземјотресната обнова на Скопје, каде армираниот бетон е главниот применет градежно конструктивен материјал, како и преку уличната уметност каде бетонските ѕидови најчесто се користат како подлога за исцртување.

Миксот на идеи и различните делувања низ годините создаде симбиоза на различни техники и инспирација да се изработат 60 бетонски плочи ( 60 години од земјотресот ) со димензија 20/20 cm и врз нив да се примени авторски цртеж. Во овој случај претставени се два авторски концепти. На првиот дигиталната илустрација е печатена директно на бетонските плочи, додека кај вториот илустрацијата е печатена на форекс, со цел да се издвои цртежот во посебен слој и да се наддаде на плочите. Овој концепт на работење во слоеви, пред една декада авторот го применува во изработката на бележници и рачно исцртани магнети со теми од Скопје, каде како подлога се применуваат исечоци и остатоци од макетарскиот картон користен во образовниот процес на Архитектонскиот Факултет при УКИМ. Цртежоти насловите се цртаат на други парчиња, се отсекуваат и наддаваат над основниот картон кој служи како подлога (во овој случај над носачот- бетонските плочи).

ф1

Симбиозата на различни пристапи кон изразувањето го даде крајниот резултат кој е претставен на изложбата. Покрај авторските илустрации, во еден дел од изложбата се претставени и илустрации работени со примена на AI (вештачка интелегенција). Многуте дилеми и прашања што ги отвора оваа алатка, насочи кон делумно експериментален процес во кој се истражува можноста на истата. Без желба да се извлече став кој е позитивен или негативен, тековно истиот е актуелен и се повеќе се применува во работата. Применет е пристапот „image to image“, со дополнителни пишани насоки. За оваа цел користени се авторски и архивски фотографии, извадоци од програмот Google Earth / Google street view, како и фотографии од збирките разгледници „Бетонско Скопје“.

Различниот поглед кон постземјотресното наследство на Скопје е во служба на неговото промовирање, откривање и потикнување на трезвеност кон негово сочувување како еден значаен историски период, можеби и најзрелиот во македонската архитектура. Инспирацијата од истиот е бескрајна а со тоа се потврдува неговата вредност како недвижно културно и градителско наследство кое го дефинира идентитетот на „Новото Скопје“.

Испрати коментар

Scroll To Top