По една година одложување на меѓународните проекти заради состојбата со пандемијата на Ковид 19, утре меѓународна изложба, FLUX IDENTITY, современата уметничка сцена на Канада во дијалог со уметниците од Република Северна Македонија. Организацијата е во соработка со Канадската Амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија. Отворањето ќе се случи утре, среда, 10 февруари 2021, во 19 часот, објект Чифте амам.
Коко Гузман
На изложбата FLUX IDENTITY, динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност водат уметници од Канада: Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перуновиќ, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ и од Република Северна Македонија: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.
Тие се фокусирани на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви. Идентитетот е постојано во процес на промена и трансформација. Во денешно време, постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, го прават потеклото на поединецот и неговата автентичност веќе нестабилни концепти.
Садко Хаџихасановиќ
Во рамките на проектот FLUX IDENTITY, идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција: национална, етничка, лична, полова, економска, културна, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална, дигитална, корпоративна, звучна, семејна, социјална, вредносна и слично.
Стјуарт Рид
Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата FLUX IDENTITY. Тие ги развиваат своите уметнички концепти, нивната уметничка практика се реализира преку просторни, мултимедијални и интерактивни инсталации, цртање, перформанси, видео, фотографија и дигитална уметност.
Автор на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, стручна соработка на проектот е на Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија е Ана Франговска.
Изложбата ќе биде поставена до 26 февруари 2021.