Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ и Месната заедница на село Жировница во сабота со почеток во 10 часот ќе одржат заедничка акција „Акција за зачувување на Жировничка река“. Акцијата ќе биде во село Жировница, национален парк „Маврово“. Акцијата се спроведува во рамки на „Недела на акции за зачувување на Балканските реки“ дел од кампањата „Да го зачуваме синото срце на Европа“ поддржана од меѓународните организации Еуронатур и Ривервоч.
“На Балканот илјадници се погодени од хидроенергетското цунами. Населението ја губи водата за пиење и наводнување, нивните домови или обработливо земјиште, пејзажот што го уживале со генерации. И покрај огромното влијание врз нивниот живот, повеќето засегнати заедници никогаш не се информирани за хидроенергетските проекти во нивните „дворови“, ниту пак се консултирани за одлуките кои директно го засегаат нивниот живот“, информираат организаторите на акцијата.
Тие додаваат дека во самиот национален парк Маврово планирани се над 20 хидроенергетски проекти. Три ХЕЦ се планирани на самата Жировничка река! За две ХЕЦ – Жировничка 5 и Жировничка 6, постапката за концесија започна во 2014 а концесиските договори беа потпишани во 2015 година. За третата – Жировничка 3, постапката за прибирање понуди за концесија почна во јануари 2019 година. По силен притисок на граѓанските организации и локалното население, во мај оваа година Владата ја сопре постапката за Жировничка 3. За ХЕЦ Жировничка 5 и ХЕЦ Жировничка 6 издадени се сите дозволи, а инвеститорот најави почеток на градба во април 2019 година. Благодарение на активностите на граѓанските здруженија и локалното население отпочнувањето на градежните активности е суспендирано до крајот на јуни. По овој месец заканата од почеток на градбата продолжува! Хидроцентралите се лоцирани во недопрената долина на реката Жировничка која изобилува со зрела букова шума, во зона на паркот во која ваков тип на активности се забранети – зона која претставува дом на кафеавата мечка, Балканскиот рис и дивокозата. Хидроцентралите ќе ја сопрат водата од реката Жировница. Реката Жировница претставува единствениот извор на вода за пиење за над 2000 жители на селото Жировница (второто најголемо село во НП Маврово). Населението воопшто не е консултирано за можното влијание од хидроцентралите ниту пак на истото му е гарантирано, со некаква мерка, дека нема да остане без вода за пиење, додаваат организаторите од „Фронт 21/42“ и Месната заедница на село Жировница.