Скопје утре со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 51 година од катастрофалниот земјотрес во 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Одбележувањето ќе почне во 10 часот со положување цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во земјотресот. Традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје ќе се одржува од 10 до 18 часот во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на Град Скопје во ДХО „Даре Џамбаз“.
Во Музејот на Град Скопје ќе се одржат повеќе манифестации. Поетесите ќе имаат литературно читање за својот град, кое ќе почне во 19 часот. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски ќе ја отвори изложбата „Скопје ’63-филмска хроника на едно време“, предвидена во 20.30 часот. Потоа ќе има проекција на документарниот филм „Скопје ’63“ на режисерот Вељко Булајиќ.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи. Овој римски град во 518 год. бил наполно разурнат од земјотрес чија јачина изнесувала 10-11 степени. Скопје потоа бил изграден на денешното место. И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 51 годинa, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.