Примирувањето на еуфоријата предизвикана од дометите на технолошкиот развој (т.н. „III технолошка револуција“, „трет бран“, „дигитално општество“, …), сепак не е доволно да ги приземји очекувањата од новите технологии, било да ги гледа како извор на нови утопии или пак на поквалитетен живот. Технолошкиот развој на современата цивилизација се наоѓа во фаза на драматично вкрстување на објективните човекови потреби и развојните цели, при што нивните конфликтни жаришта истовремено претставуваат криптограм за толкување на степенот на нивната хомогеност.
Можен изглед на автономно возило
Иако притоа неопходно, економското односно квантитативното проектирање на ефектите од новата технологија може до некаде да ги прикрие или „заборави“ страничните факторски влијанија кои, во форма на емпириски input, претставуваат резултат на длабинската трансформација на современиот човек.
Следејќи го својот всаден инстинкт, човекот, тој вечен homo viator, континуирано се обидува да го унапреди начинот на кој го совладува просторот. Урбаните патувања, како повеќеслојна општествено-социјална компонента која одзема непотребно време и енергија, се во фокусот на неговите напори за минимизирање на интеракцијата човек-возило, а се во име на непресушниот комфор, финансиската заштеда и трендовите за заштита на човековата околина.
Автономните возила кои сообраќаат без директна помош на возачот, се оној тековен хоризонт чија извесност ги крши како лаичките, така и копјата на докажаните авторитети во автомобилската индустрија и науките што ја третираат современата урбана мобилност. Притоа, цврстината на аргументите и резонската конзистентност не недостасуваат ниту на една страна.
Секако и во секој случај
Апологетите на футуризмот, концентрирани првенствено во и околу ИТ секторот, немаат дилема – автономните возила масовно ќе ги „параат“ градските улици веќе до 2030-та од две причини: мерливост на иницијалниот бенефит и промптна употребливост кај групите корисници или пак во форма на јавен сервис.
И покрај несомнената полезност, немерливоста на ефектите од некои претходни иновации во автомобилската индустрија ја условила нивната масовна употреба со падот на цената на чинење. На пример, пред да стане глобален стандард, системот за спречување на блокирањето на тркалата при сопирање бил првенствено ексклузивитет за возачите со подлабоки џебови. Парадоксално, но автономните возила поентираат токму во зоната на апстрактното: му го враќаат на возачот времето потрошено во возење.
Доколку истото се искористи за работа, денешниот систем за евалуирање на трудот лесно ќе ја пресмета подарената финансиска добивка. Дополнителното опуштање пред да се пристигне на работното место е само додадена вредност на веќе споменатата.
Homo viator
Јавните урбани транспортни сервиси се вториот „столб“ врз кој почива футуристичкиот оптимизам. Замената на конвенционалните такси-возила со автономни, се набљудува како прва имплементациска станица, а воведувањето на капацитативно поблагодарни превозни единици (комбиња, минибуси) во комбинација со веќе разработените car-sharing, lift-sharing и слични модели, значително ги проширува употребните граници.
Корпоративната т.е. институционалната подготвеност да се изврши замена на конвенционалните возни паркови со флоти од автономни возила, треба конечно да ја докаже и запечати нивната неопходност. Било да се работи за јавен превоз, било за службени возни паркови, „флотниот пристап“ е посакуван од две причини: краткотрајното поединечно користење ќе овозможи психолошко привикнување „во мали порции“, а флотната контрола од страна на еден оператор ќе го олесни периодот на „детските болести“ и почетните техничко-оперативни потешкотии.
Главната офанзива која им претстои на автономните возила е онаа против поседувањето на патнички автомобили. Способноста на возилото да се врати на домашната адреса за да изврши превоз на друг член на домаќинството, се толкува како директен удар на потребата за поседување на 2+ семејни возила, што во продолжение треба да резултира со драстично намалување на бројот на возила во сообраќајот.
Овој потенцијален тренд латентно е посакуван од градските власти ширум светот, а равенката е прилично едноставна: возилата што немаат потреба од возачи немаат ниту потреба за „трошење“ на градскиот простор заради паркирање, со што првенствено пред централните градски зони се отвораат сосема нови урбано-планерски хоризонти во смисла на постигнување на повисоки квалитативни стандарди.
Пре-канцеларија на иднината
Од социјален аспект, автономните возила можат да прераснат во благослов за категориите граѓани кои поради најразлични физички или ментални недостатоци не се во состојба да користат конвенционални возила.
Сообраќајните инженери имаат посебен мотив за задоволно триење на дланките. Барем зад грб. Исклучувањето на возачкиот фактор, потенцијалот за автоматизација на сообраќајните токови и нивно Wi-Fi поврзување со непосредната инфраструктура го води кон ниво на екстаза! Наместо „распашани“ колони длабоко зависни од навиките и каприците на возачите, улиците би ги краселе филигрански низи од автономни, меѓусебно комуникативни возила (platoons), совршено синхронизирани со семафорските системи. Освен редукција на времињата на патување, возачката грубост која троши непотребна енергија и емисиите на загадувачки материи, вака поставената мобилност ќе овозможи максимално искористување на алтернативните коридори, односно далеку порамномерно оптоварување на расположливата улична мрежа.
Ретро утопија
Можеби, но сепак тешко
Доколку автономните возила се потчинат макар и на рамковните развојни законитости во автомобилската индустрија – а во моментов баш и нема многу показатели кои би наведувале на спротивното – оваа технологија првично ќе биде онолку скапа колку и несовршена, за која ќе бидат неопходни и посебни услови за функционирање во денешните автомобилски зависни градови (на пример, засебни сообраќајни ленти, налик на т.н. „жолти“ автобуски). Половината на овој век е најсмелиот временски хоризонт за релативно омасовување на овие транспортни средства во гаражите на западната средна класа. Сè пред тоа ќе биде дел од играта наменета за добростоечката клиентела и нејзините непишани статусни правила.
Е сега, зад прашањето колку остатокот од јавноста ќе биде толерантен на резервирање на дел од сообраќајниот простор не само за една категорија возила, туку и за еден и тоа највисокиот социјален слој, може да се крие крајно нетолерантна дебата. Во овој случај една чисто сообраќајна мерка (засебни ленти) добива силна и, како резултат на глобалните кризи, непопуларна димензија. Поради наведеното, истата може и за очекување е во праксата да стане предмет на засилена злоупотреба од страна на возачите на конвенционалните возила, што само ќе придонесе за продлабочување на јазот помеѓу нивната оперативна неопходност и јавна прифатливост.
Look mama, no hands
За волја на вистината, еден дел од сообраќајно-инженерската струка сè уште се воздржува од загревање на дланките со она задоволно триење. Урбаниот сообраќај поседува внатрешни законитости на одвивање, па намалувањето на бројот на возила во сообраќајот како производ на намалената потреба за поседување, односно ослободувањето на сообраќајниот простор како резултат на зголемување на ефикасноста на токовите возила, претставува одлична подлога за виреење на ефектот на т.н. индуциран сообраќај. Чиста транслација на една економска законитост која вели дека она што станува подостапно станува и поевтино, а со самото тоа и повеќе барано и користено. Потенцијалот на автономните возила за независно транспортирање на членовите на секое семејство во сообраќајно-инженерскиот речник, се преведува како зголемување на бројот на поминати километри т.е. постојаност на овие возила на градските улици. Ударот на нивната ефикасност во овој случај, потекнува од втмелената претпоставка дека, за да секој член од семејството биде независно транспортиран секое второ возење на автономното возило треба да биде празно т.е. без патници. На овој начин, автономните возила ќе генерираат далеку повеќе празни патувања отколку што тоа денес го прават конвенцоналните возила зависни од возачите. Со оглед на фактот што исплатливоста на оваа технологија во основа се гледа во нејзиното омасовување, останува нејасно како идниот број и зачестеност на автономните возила по улиците ќе се усклади со темелниот аксиом кој вели дека, најдобар лек за сообраќајно преоптоварените градови на денешницата е намалување на бројот на возила кои се во употреба.
Битна ставка во овие струковни размислувања претставува и потенцијалната судбина на конвенционалните системи за јавен градски превоз (на пример, автобуски). Можноста за широка употреба на еден продукт по правило ја намалува потребата од користење на друг, што звучи крајно едноставно, но само и единствено во случај кога не се однесува на комплексни системи чие урбано еволуирање веќе се мери со векови, и кои и самите поседуваат софистицирани системи за напредно функционирање.
Исклучувањето на возачкиот персонал од конвенционалниот такси-превоз, како резултат на продорот на автономните возила во овој сегмент, би резултирало со два за системот несакани, а за корисниците непопуларни ефекти. Возачите на такси-возилата автоматски би преминале во регистарот на бироата за работа, со што во потполност би се изгубила социјалната димензија на овој јавен вид превоз, кој, не само во Македонија, претставува последна сламка на спасот за многу професионално унесреќени индивидуи. А еден дел од патниците трајно би биле лишени од асистенцијата на возачите при влегување/излегување од возилата и утовар/истовар на нивниот багаж, со што овој вид превоз за нив ќе изгуби на привлечност.
Wi-fi интеракција на возилата
Омасовувањето на која било технологија зад себе секогаш влече и прашања за нејзината замена и ослободување од застарените или искористени производи. Современите возила чинат во просек 50 пати повеќе и траат до 10 пати подолго од квалитетните мобилни телефони, па возачите многу поретко набавуваат нови возила само да бидат во тек со новите технологии. Па сепак, сегашниот систем на трансфер на искористените возила кон географските региони со полабави прописи и грижа за животната околина, нема да биде во потполност функционален од едноставна причина што автономните возила, за чие оперирање и одржување првично бил надлежен еден специјализиран оператор (институционални/корпоративни возни паркови и такси-флоти), сега треба да преминат во рацете на поединци потполно необучени за нивно одржување.
На начин на кој во моментов е замислено нивното користење, автономните возила многу повеќе претставуваат транспортно средство за добро испланирани патувања. Сегашната флексибилност во патувањето и вршењето на секојдневните активности која ја нудат конвенционалните возила, или нема повеќе да биде достапна или пак тркнувањето до пазарчето во зона со редуцирано паркирање може да резултира со празни автномни возила кои кружат околу блокот чекајќи ги своите „сопственици“.
Високото технолошко ниво зачинето со комплексни хардверско-софтверски решенија ќе ги исклучи автномните возила од групата user-friendly производи, за кои резервни компоненти се достапни во секој гранап, а може да ги вгради и автомеханичарскиот чирак. Сега е и повеќе од сигурно дека омасовувањето на една софтверски вака комплексна технологија, ќе бара и комплексни сигурносни мерки и процедури недостапни за субјектите што нема да бидат специјализирани за таа цел.
Врз база на искуствата со тековните софтверски решенија и мрежни архитектури, рационалните скептици во прв план ја туркаат и доверливоста на целокупната технологија, отворено прашувајќи какво ќе биде доживувањето на опуштените и безгрижни патници во колоната во случај на пад, пореметување или отказ на целокупниот систем („компјутерите работат одлично, се до оној момент кога ќе престаната да работат!“). Доколку за момент замислите дека на повеќе нивоа умрежените автономни возила треба да претставуваат окосница на транспортот на утрешните паметни градови (smart cities), тогаш од морниците долж ’рбетот ве дели само една секунда.
Контролни системи на автономните возила
Бијхевиоралната компонента, изградена со децениско профилирање на навиките на урбаниот човек, нема да остане рамнодушна. Чувството на лична слобода, благодарение на достапноста на конвенционалните возила, и можноста да се оствари потполна контрола врз нив претставува темелен запис во антрополошката потсвест. Упадот во воспоставената автомобилска култура, кој автномните возила несомнено ќе го предизвикаат, ќе изврши поништување на припадноста кон еден систем (сообраќајниот) во кој ги бараме и препознаваме акциите и потребите на другите учесници, и за истите сме подготвени на системски уредено договарање (на пример, толеранција при вкрстување врз основ на правилото на десна страна).
Вака соголеното согледување асоцира на повисоко ниво на потчинетост на човекот на машините, кое холивудските сценаристи веќе го имаат искарикирано до максимум. А крикот на авто-ентузијастите, подготвени за жртвување и на последната пара, само за да се извлече макар уште една коњска сила од моторот, допрва треба да се слушне!