Многу пати е зборувано дека грешките во урбанизмот се речиси непоправливи. Многу пати е апелирано дека просторните деформации предизвикани од лоши урбанистички планови го прават градот мачно место за неговите жители и прават штета од секаков вид: просторна, функционална, безбедносна, естетска, финансиска и етичка. Сите градоначалници велат дека се справуваат со лошиот урбанизам, но само во предизборна кампања. А за да биде целата збрка уште поголема се зборува за измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно продолжување на легализацијата, ама овој пат за пари. Па така Законот за легализација ни докажува дека не постои планирање, постои само крадење на просторот и тоа со амин на државата.
Од маѓепсаниот круг на урбанистичкото планирање составен од планери, референти во општини, надзори,комисии, инвеститори, сопственици на локации, началници за урбанизам и градежни инспектори, (кои и по закаон е невозможно и да се пензионираат кога за тоа дошло време), градоначалници, корупција насекаде, покажуваме дека многу тешко се излегува. Општина Центар е единствена која се обидува да се справи со грешките во урбанизмот со воведување мораториум на 31 ДУП. Оваа одлука заначи запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, стопирање на градбите во овие ДУП-ови, односно да не се издаваат нови одобренија за градба, додека не се ревидираат и еволуираат спорните планови. Оваа одлука е изгласана на Совет на Општината во декември 2017 годин, повеќе пати е продолжувана, а во меѓувреме четири од спорните планови се завршени и пуштени.
По однос на мораториумот реакциите се различни. Вистински професионалци и граѓани кои се засегнати за функционирањето на градот, животот во него и заштита на јавниот интерес го подржуваат. Но секако има и такви кои се против, а единствениот аргумент им е бизнис интересот им се одземало право на градење. А во меѓувреме „големите бизнисмени“ забораваат дека Центар е општина од 7,5 квадратни километри, мораториумот важи за 4,5 квадратни километри, па така овој процес не може да се толкува како атак врз градежната фела, уште помалку како влијание врз БДП, туку како нов принцип за рамномерност (рамномерен развој) и заштита на јавниот интерес. „Големите бизнисмени“ своите бизнис интереси и профити имаат простор да ги реализираат во останатиот дел на општината, градот државата и така да се грижат и за БДП-то.
Истите тие бизнисмени кои се загрижени за состојбата во градежниот сектор, оние кои ни ги изградија „фармите за бројлери“ низ населбите Аеродром, Карпош сега по иницијативата од Градежна Комора на Република Македонија, преку Стопанска комора на Северо-западна Македонија поднеле до Уставниот суд на Република Северна Македонија иницијатива за утсавноста и законитоста на мораториумот во Општина Центар. Уставниот суд утре во 9:30 часот ќе ја разгледува иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на сите одлуки за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови во општината.
Дали некоја одлука, закон или подзаконски акт е во согласност со Уставот оценуваат уставните судии. Деталниот урбанистички план – ДУП е подзаконски акт којшто призлегува од Законот за просторно и урбанистичко планирање и има и текст и цртежи. Уставниот суд не навлегува ниту во текстот, ниту во графичките прилози, ниту во планските решенија и одредбите во планот, коишто во некои делови сериозно може да ја загрозуваат уставноста. Ова укажува дека Уставниот суд не навлегува во суштината на планот.
А мораториумот во Општина Центар дојде до некои клучни сознанија и ги покажа токму суштинските проблеми во ДУП-овите.
Генералните заклучоци се дека при изработка на планските документи:
– Не се почитуваат Законот за просторно урбанистичко планирање и правилниците кои произлегуваат од него како Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина, форма и начинот на обработка на урбанистичките планови.
Се работи за сериозно нарушување и на професијата и низок квалитет на плановите дури ниту од технички аспект. За сериозноста на планерскиот аспект како одговорен акт, не може ниту да се разговара и етиката е сериозно нарушена.
– Не се почитуваат ниту, со закон пропишани, стандарди и нормативи од областите: заштита и спасување, заштита на животната средина, сообраќај и безбедност во сообраќајот, комунални услуги, заштита на културно наследство и сите останати кои се дел и ги опфаќаат сите аспекти на квалитетно живеење.
Со ова директно се влијае на нарушување на условите како и квалитетот на живот.
– Постојната состојба, односно состојбата на терен не е ниту оддалеку доволно антиципирана и ажурирана. Најчесто планот се изработува врз претходен план, со најчесто непознат степен на реализација. Се повикува во голем обем и на сомнително „стекнато право“, притоа не земајќи го со закон заштитеното јавно добро.
– Параметрите зададени во ГУП-от на Скопје, селективно се исполнуваат или не исполнуваат, со најголеми дискрепанци во бројот на предвидени жители. Во некои планови тоа е надминато дури девет пати. Надминување во планираниот број на жители според ГУП-от е евидентирано во сите прегледани планови, под изговор дека „Гуп-от е лош! и Тоа сите го знаат!“. А всушност се нема поголемата слика од демографскиот развој на градот, кој има негативни тенденции во однос на тоа што во дуп-овите се планира.
– Не се прави напор за добивање на сите потребни мислења од субјекти, повикувајќи се на пропишаното со закон „Ако не одговорат во даден рок, се смета за позитивно“. Со немањето мислење, на пример за прашања од областа на заштита и безбедност, директно се влијае на можноста од губење човечки животи и големи материјални штети. Во најмала рака, со недобивањето мислење за инфраструктурата, директно на граѓаните им се нанесува штета во смисла на создавње услови за немање вода, струја, одведување на отпадни води и отпад и сл. Тука е и нетретирање на мислењето врзано за обезбедени градинки, училишта, амбуланти, услови за заштита на животната средина.
– Одлуки за користење на земјиштето кои се во корист на инвеститори, на сметка на квалитетот на живот на граѓаните. Често земјиштето кое е на Република Македонија „лесно“ се „доделува“ на навидум непознати субјекти, со образложение дека така наложуваат законите или пак креативниот акт на планерот.
– Сите планови се соочени со добивање повеќекратни забелешки од релевантните тела и институции (Комисија за урбанизам при Општина Центар, Комисија за урбанизам при Град Скопје, Министерство за транспорт и врски). Планерите не одговараат на забелешките, не прифаќаат, но не постапуваат. Тука спаѓаат и неусогласености со Агенцијата за катастар на РМ.
– Решенијата, односно понудените плански решенија, се проблематични од разни аспекти и тешки за согледување. Обременети се со спротивности со ГУП-от, исполнување на поединечни желби на сопственици, но попроблематични се решенијата во корист на „моќни“ инвеститори.
– Недостаток на издржани инвентаризации, анализи, заклучоци, јасно поставени плански програми, оценки на капацитетот на планските опфати, оценка на можности, проверка на варијанти и барање најдобро решение. Планските документи обилуваат со небулози во овие делови и се препишува од план во план, без притоа да се воочи специфичноста на секој поединечно. Често невнимавањето оди дотаму што информациите се однесуваат на некој друг град. Ваквите случаи упатуваат дека иако планските документи поминуваат низ повеќе филтри, често не се проверуваат во целост, а ова пак упатува на лошо поставен процес на донесување планови, немање јасни процедури и декларирани одговорности.
– Планирањето на просторниот развој на Општина Центар е нерамномерен и со тоа нерамноправен. Граѓаните не се со еднакви позиции и можности. Некои четврти се заложници на наследени одлуки, но за жал и новите решенија не го решаваат проблемот. Други пак, се препознати како атрактивни и дополнително се натрупуваат, а тоа во иднина ќе се врати со намален квалитет на живот. Недостига сериозна економска анализа, но оваа алка во урбанистичкото планирање не само што е слаба, туку и ја нема. Урбанистите сосема паушално проценуваат што е економски бенефит.
– За правото на достојно живеење и зголемување на квалитет на живот, во плановите ниту се размислува, ниту е предмет на сериозна професионална работа. „Квалитетот на живот“, според вклучените во процесот на изготвување урбанистички планови е категорија која ја нема доволно објаснето законодавецот и не обврзува. Животот, правото на лесна достапност, сонце, чист воздух, слободен поглед кон околината, каде да се фрли домашниот отпад, не се предмет за работа на планерите????
И помеѓу некои од подржувачите на плановите почнува да се зборува дека мораториумот предолго трае. Но во услови кога не постои Министерство за урбанизам, Заводи за урбанизам, стручни планери, професионалци со морал, работите се одвиваат бавно. Особено во услови кога се работи со истите луѓе. Истите планери ги работат измените по спроведениот мораториум, истите вработени во општината и институциите покрај кој лесно поминале спорните урбанизми. Затоа нештата не се менуваат. А планерските бироа кој треба да си ги поправат грешките и недоследностите во своите планови овој пат не добиваат финансиска надокнада. Но, тие ја добиле предходно, корумпирани се да обрнат внимание на одредени парцели, да ја зголемат површината за градење или катноста, ветиле, наплатиле, а сега не можат да исполнат. Мора да се признае не им е лесно. А можеби и е. Повторно добија на негативна аукција, изработка на измени и дополни на ДУП Ц08 Голем Ринг, јужен дел – исток, за едно евро, истите оние кои го изработија и предходниот план. Тоа е онаа локација на паркингот ка Холидеј Ин.