Уставниот суд на вчерашната седница ја укина Одлуката со која на 18 јули 2014-та година Советот на општина Центар го донесе Детален урбанистички план, Градска четврт Ј07 локалитет Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара.
Судот оцени дека начинот на донесување на ДУП Ј07 е спротивен на Законот за локална самоуправа, затоа што не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа ЗА, како што предвидува законот. Согласно правното мислење на Судот, од вкупно 23 члена колку што броел Советот на Општина Центар, присутни биле 12 члена, од кои ЗА донесување на Одлука за ДУП Ј07 гласале 11 члена, а еден бил против.
Согласно одлуката на Уставниот суд, Општина Центар нема да може да издава одобренија за градби за локации кои се опфатени со ДУП Ј07, бидејќи тој не постои од денот кога ќе биде објавена одлуката на Судот во Службен весник.
Уставниот суд ја донесе одлуката со мнозинство гласови, односно 5 глас, а еден од судиите најави издвоено мислење.
Подносител на иницијативата е Томе Симоновски, граѓанин од Скопје.