Уставниот суд го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој се однесува на урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес. Оваа законска одредба предвидуваше дека за градбите од посебен интерес за кои ќе се изработи урбанистичко-планска документација се утврдуваат со одлука на Владата.
Судиите од Уставниот суд во април годинава определија и времена мерка за примената на оваа оспорена одредба, подвлекувајќи дека проблематично во одредбата е прашањето што е тоа посебен интерес и дали тоа може да значи можност за арбитрарност на Владата.
Подносителите на иницијативата – неколку невладини организации и граѓани сметаа дека со овој член од Законот се нарушува принципот на поделба на власта и владеење на правото бидејќи ѝ се дава можност на Владата без јасно определени критериуми да определува градби од посебен интерес.