Насловна / Арт и дизајн / Успешно претставена изложбата „Дата база“ на Марија Мицова Гацова во Галерија МЦ во Њујорк

Успешно претставена изложбата „Дата база“ на Марија Мицова Гацова во Галерија МЦ во Њујорк

Во Галерија МЦ  во Њујорк  од 1. до 10 јули успешно беше претставена мултимедијалната изложба на авторката Марија Мицова Гацова насловена „Дата база“. Преку користење на различни материјали и медиуми беше претставено визуелното истражување на релацијата со предците и своевидно растајнување и раслојување на напластената содржина на заробената меморија. Претходно изрaзувајки се преку цртежи, со оваа поставка авторката ги опростори своите идеи,  допирајќи до слоевитостите на нејзината лична и посредувана меморија. Изложбата беше составена од инсталација, цртежи, принтови и видео. Делата се од нејзината магистерска изложба под менторство на професорот Станко Павлески.

354230628_561071779345605_5108547528488561027_n (1)

Изложбата беше објавена на веб страната на Artforum водечки магазин за современа уметност.

https://www.artforum.com/artguide/gallery-mc-22614/dadabase-219638

Свој осврт на изложбата даде и историчарката на уметност М-р Ана Франговска која ќе напише: „Меморија, датабаза, год, бинарен систем, код, генетски код, мем, анаграм, алгоритам, знак… Таксативно подредени термини, навидум различни, но доколку се анализираат и поврзат ќе создадат еден нов симулакрум кој говори за информации, наследени или стекнати, реални или виртуелни, хумани или електронски, спиритуални или просторни. Станува збор за форми налик на складирани податоци, кои ако се нaзипуваат (со денешниот дигитален вокабулар) и декодираат отвораат дискурси за генеза, потекло, припадност, комуникација, транскрипција.

358382905_737792328353403_8187309343594854760_n

Уште кога за прв пат се појави филмот Матрикс (1990) на Лана и Лили Вичовски истиот ги постави дилемите за потеклото на информациите, за природната и вештачката интелигенција и за соодносот простор и време, сега и овде или во некоја друга димензија. Иако станува збор за жанрот научна фантастика, предложените дилеми, како што го раситнуваме XXI век, се почесто стануваа релевантни. По три децении од првиот дел на овој филм, средбата со делото на Маријана Мицова Гацова ги иницираше сличните размисли за потеклото на информацијата, за соодносот на spiritus loci и spiritus saeculi, т.е. за просторот и времето на духот, потеклото на податоците и нивното меморирање, паметење или бришење и трансформирање од една во друга форма, за генетските кодови, за наследени податоци, за културно-социјално преносливи информации итн.

356509736_6580345601985446_2935824256718961453_n

Суштинскиот, примордијален елемент во овој проект на Мицова Гацова насловен „Дата база“ е точката, која како концентрирана меморија, елемент на кодот, во себе носи информација од различен вид (говорна, визуелна, пишана, мисловна, чувствена). Оваа „точка“, системски подредена, го оформува базниот моментум, кодот, кој овозможува поширок опсег на комуникација низ просторот и времето. „Дата база“ е аналогно произлезена од нејзиниот претходен творечки полемикум „Колективна дата база“ кој е разрешуван во дводимензионален ликовен медиум, со помош на хартија и експериментални техники на цртање. Овие дела наликуваат на визуелизирани дигитални кодови што чекаат свое дешифрирање и одгатнување, со цел да бидат трансферирани на наредниот преносител на информациите.

358540718_737792331686736_5842377656858317714_n 358483189_737792335020069_2031263356845452352_n

Опросторување на дводимензионалниот микронаратив, во тро или повеќедимензионална макронарација е предизвикот што го апсолвира Мицова Гацова во „Дата база“, а информациите, т.е. дата базите по разглобувањето на колективните сега се лични, интимни, себе-идентификувачки. Тие го менуваат дводимензионалниот комфор со просторната парадигма, која бара концизност и контекстуалност, но и чисто, софистицирано естетско-формално чувствување на „игривоста“ со елементите, кои напати се со намерно разбиен систем, заради „пречки“ во декодирањето и визуелна емфаза. Последниот елемент е преоѓање од интровертирано опросторување на интимата во екстровертно споделување на информациите и податоците во етер, преку форма на ослободување на заробената меморија и нејзино рефлектирање“.

356493036_809226400853327_5189477848908546831_n

* * * * *

Марија Мицова Гацова е мултимедијален уметник. Средно образование завршила во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“  во Скопје.

Дипломирала  на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин. Постдипломски студии  завршила 2022 год. на истиот факултет  на одделот вајарство под менторство на проф. Станко Павлески.

Учесник е на повеќе групни изложби, манифестации и ликовни колонии во земјава и странство. Има реализирано самостојни изложби и  едукативни работилници во соработка со НУ Археолошки музеј на Република Македонија. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија,  добитник е на три национални награди за цртеж.  Изложбата е подржана од Министерството за култура.

358389057_737792338353402_4934003414703103034_n

Испрати коментар

Scroll To Top