На 22 јуни, во хотелот „Александар Палас“ се одржа Првата конференција на „Винербергер“ за архитекти и инженери во Македонија. Со свои обраќања конференцијата ја отворија директорот за продажба и маркетинг на „Винербергер-Тондах“ во Македонија, Владимир Златковски, како и претседателот на Комората на архитекти на Македонија, Миле Димитровски.
На настанот на кој присуствуваа повеќе од 250 врвни професионалци од сферата на архитектурата и градежништвото, беа презентирани најновите трендови во градењето, се зборуваше за тулата како најважен градежен материјал, за енергетската ефикасност на градбите и за предностите и разликите на косиот и рамниот покрив. Четворицата предавачи беа врвни имиња од фелата, кои „Винербергер“ ги донесе да ги споделат своите знаења и искуства со учесниците на конференцијата. Од Хрватска излагаа врвниот архитект Андрија Русан и д-р Бојан Миловановиќ, професор на Градежниот факултет во Загреб, а од Македонија свои излагања имаа истакнатиот архитект Мартин Пановски, кој е и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и проф. д-р Тодорка Самарџиоска, од Градежниот факултет во Скопје.
Во рамки на конференцијата беше отворена и изложба на архитектонски дела, наградени на Brick Award, а најсреќните 10 архитекти ја добија на подарок ексклузивната публикација Brick Award ’16, како и влезници за следните „Денови на Орис“, кои ќе се одржат во октомври во Загреб.
Според впечатоците на присутните, настанот беше уникатна можност за едукација и инспирација, но и за дружење и разменување искуства, знаења и сознанија на архитектите и градежните инженери.