Инспирацијата за ентериер на еден стан може да ја барате на многу места, идеите може да ги ставите на хартија многу пати, но крајниот изглед по изведбата на одреден простор може да биде успешен само доколку инвеститорот ги следи вашите замисли и ги почитува вашите насоки и предлози.
Таков беше и нашиот проект за внатрешно уредување на четворособен стан, каде со многу труд, следење на нови концепти и материјали, го добивме посакуваниот дизајн.
Станот со површина од околу 100 квадратни метри беше наменет за домување на млад брачен пар со две деца. Потребно беше негово функционално осмислување и целосно реновирање.
Концептот се формираше пред сè според желбите на инвеститорoт чии барања беа модерен и функционален дом.
Најголеми измени имаше во пристапот кон ходникот и влезот во кујната кој целосно се промени со цел добивање поголем и покорисен кујнски простор (голем фрижидер, висока фурна и местоположба на мијалникот кон прозорците).
Непосредно при влезот, се задржа релативно малиот влезен ходник од кој се пристапува кон тоалетот, оставата и гардеробниот дел.
Од претпросторот се пристапува кон кујна, дневен и трпезариски простор, спална соба, бања, детска соба и гостинска соба. Во делот кај кујната, постоечкиот оџак се искористи за поставување на камин на дрва, чија завршна обработка се изведе со техника со изглед на стар бакар.
Од трпезаријата се излегува кон тераса која е целосно застаклена со избор на материјали и бои кои се вклопуваат во целокупниот дневен простор, па според тоа се добива чувство како да е дел од истиот.
Изборот на материјалите во дневната соба и кујната се комбинација на дрвен дезен иверка и медијапан фарбан во темносива боја.
Дневниот и трпезарискиот простор е разигран со библиотеки од метални полици во црна боја, ѕидна техника од печатен бетон и ѕидни облоги од иверки.
Изборот на материјалите во собите е комбинација на различни дезени на иверки додека санитарните јазли се опремени со висококвалитетна опрема и гранитни плочки кои му даваат уникатен изглед на станот.
Тимот на Биропроект го дизајнираше ентериерот, додека изведбата на градежните работи и изведбата на мебелот беше координирана и спроведена со фирми – наши соработници, кои несебично беа посветени на овој проект. Модерниот и современ концепт на живеење беше успешно имплементиран во реализацијата на овој проект, со што се доби голема функционалност на станот претворена во уметност на внатрешното уредување.
Проект и изведба: Тим на БИРОПРОЕКТ
Фотографија: Влатко СЕКУЛОВСКИ
Ubavo