Минатиот петок, на 6-ти март, Претседавачите на мешовитите делегации на Европскиот парламент и шесте земји-аспиранти* за членство во Европската унија, заедно со потпретседателот на Европскиот парламент, испратија писмо до потпретседателот Марош Шевовиќ и комесарот Мигуел Ариас Кањете, со кое ги повикуваат да осигураат дека реформите во Договорот за енергетска заедница ќе придонесат за усогласување на земјите потписнички на Договорот со барањата за членство во Унијата.
Граѓанските организации Мрежа за промени во Југоисточна Европа (SEE Change Net) и Мрежа за климатска акција, Европа (Climate Action Network Europe), кон кои се приклучуваат и домашните организации „Еко-свест“, „Аналитика“ и „Фронт 21/42“, им се заблагодаруваат на европските парламентарци за нивната искрена загриженост за енергетската иднина на земјите од Југоисточна Европа.
Договорот за енергетска заедница ги обединува Европската унија, земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија. Процесот на ревизија на овој Договор, кој сега е во завршна фаза, треба да обезбеди дека партнерите ги развиваат своите енергетски политики во согласност со сите релевантни правни акти на Унијата – оние кои се однесуваат на заштитата на животната средина, климатските промени и социјалните аспекти.
Претседавачите на мешовитите делегации за земјите од Југоисточна Европа Анелиз Додс, Моника Маковеи, Тонино Пикула, Едуард Кукан и Алојз Петерле*, како и Улрике Луначек, член на делегација и Попретседател на Европскиот парламент, истакнаа дека правната рамка на Енергетската заедница треба да создаде рамноправен терен во однос на еколошките стандарди и да обезбеди дека регионот на Југоисточна Европа „нема да стане депонија за валкани енергетски проекти“.
„Социјалните аспекти на Енергетската заедница мора да бидат земени предвид во секоја дискусија за нејзината иднина“, истакна парламентарката Анелиз Додс. „Треба да се направат повеќе напори за справување со енергетската сиромаштија и за заштита на корисниците, особено ранливите корисници, како и за обезбедување на пристојни услови за работната сила“ додаде таа.
Евро-парламентарците ја истакнаа и важноста на соодветно применување на правилата за јавни набавки и државна помош, со цел да се зголеми транспарентноста во регионот. Тие побараа од Енергетската заедница и силна определба кон долгорочната европска енергетска стратегија Патоказ 2050, а примената на климатските цели на унијата до 2020 и 2030 да биде дефинирана како еден од приоритетите.
„Цврсто ги поддржуваме ставовите на претседавачите во однос на барањата за строга примена на правилата за јавни набавки и државна помош, бидејќи нашето истражување покажа ендемична високо-профилна корупција во енергетските сектори на земјите од Југоисточна Европа“, истакна Гарет Тенкосиќ Кели, директор на Мрежата за промени во Југоисточна Европа.
„Оваа година се очекува земјите да усвојат заложби за намалување на стакленичките гасови, за да може глобалниот договор за климата да се потпише на конференцијата во Париз, во декември. Апелот на европските парламентарци за климатска акција во земјите на Југоисточна Европа се поклопува со глобалното придвижување кон повеќе обновливи и чисти енергетски системи“ изјави Драгана Милеусниќ, координатор за енергетска политика во Југоисточна Европа на Мрежата за климатска акција, Европа. „Очекуваме сите земји потписнички на Договорот за енергетска заедница да покажат амбициозни климатски заложби многу порано од самитот во Париз“, заклучи Милеусниќ.