Насловна / Архитектура / Услови и големи можности за образованието и културата на градот и земјата

Услови и големи можности за образованието и културата на градот и земјата

На 29 ноември 2019 година отворен е новиот Културен центар„Форум“ во градот Гронинген, во Холандија. „Форумот“ е мултифункционален објект, дизајниран како единствен чист волумен поставен во виталниот јавен простор во центарот на градот.

2_resize

Изгледа предимензиониран и е далеку повисок од околните згради што на прв поглед се чини без причина. Но, пораките што ги праќа се многузначни и вонвременски. Авторите ќе речат: „Форумот“ не е библиотека, не е музеј, не е кино, туку е нов тип на јавен простор каде традиционалните граници на овие институции се бришат. Информациите кои консументот ги добива во „Форумот“ се  презентираат тематски, низ различни медиуми. „Форумот“ има аспирација да биде платформа за интеракција и дебата, со други зборови – дневна соба на градот.

3_resize

Тоа е простор за презентација и размена на култура, слики, книги, располага со простор за изложби, сали за собири и перформанси, подвижни холови комбинирани со различни содржини, и сето тоа соединето во еден целосен склоп.

4_resize

Изграден е на мала површина, во строго дефиниран централен простор, опкружен со средновековни градби. Објектот има десет ката и површина од 17.000 квадратни метри. Изградбата чинеше преку 140 милиони евра. Општината Гронинген распиша конкурс во 2006 година, кој заврши со изборот на решението во 2007 година.  Изградбата на објектот започна во 2011 година, но бидејќи Гронинген се наоѓа во трусно подрачје, беше потребно прилагодување на земјиштето за отпорност на земјотреси, така што фактичката изградбата на објектот се одложи до 2015 година и потоа траеше четири години. Автори на проектот се НЛ Архитектс, кои го добија тендерот во конкуренција со студиото на Заха Хадид.

13_resize

Граѓаните и посетителите на Гронинген во „Форумот“ може да уживаат во национални и интернационални изложби, филмови, дебатни и културни настани, ток-шоу настани, презентации и тоа секој ден од неделата. Објектот нуди: бесплатен интернет, фоаје наречено „Newsroom“ (соба за вести, со сите весници и списанија на располагање); библиотека со 178 места за учење и работа, со достапни штекери за вклучување на потребните електронски уреди, удобни столчиња за читање и мал одвоен дел во кој е обезбедена потполна тишина; кино-сали со редовни проекции; конференциски сали за максимум 450 луѓе; Гронинген – туристички инфо-центар со продавница за сувенири; „Story world“ (интерактивна современа изложба за светот раскажана низ приказни); „Wonderland“ – едукативна игротека за деца до 15 години; медијалаб – медиумска лабораторија во која има разни нови технологии како 3Д печатење, грин-скрин за видео и фотоманипулација кои посетителите може да ги користат, забавен дел со технологии како виртуелна реалност и видеоигри (симулатори итн.); кафе-ресторан, простор за седење. Од покривот кој е на височина од 45 метри се  протега прекрасен поглед на целиот град, додека пак во подрумската гаража е сместена уметничка лед-инсталација долга 20 метри. Во подрумот се наоѓа и паркинг за 380 автомобили и за 1.200 велосипеди. Влезот е бесплатен, се плаќа само за одредени специјални изложби и секако за храна и пијалаци.

6_resize 14_resize

Со изградбата на „Форумот“, просторот пред објкетот практично му даде на градот нов плоштад наречен Нуе маркт.  Тоа е практично третиот плоштад во Гронинген, покрај Гроте маркт (големиот плоштад)  и Вис маркт. Непосредно до „Форумот“ се гради нов хотел кој ќе овозможи сместување за посетителите кои ќе доаѓаат во посета на културниот центар и на градот, а ќе се намали метежот на главните плоштади и на централните градски артерии. На овој начин се зголемува фреквенцијата во западниот дел од центарот.

forum_dagblaadvanhetnorden_2_resize

Објектот збунува со својата надворешност, но фасцинира со својата внатрешност. Накривената фасада дозволува светлоста да продира во внатрешноста на објектот, но и во околните згради кои се доста пониски, така што не им го затвора светлото поради својата височина. Објектот истовремено ги задоволува потребите за создавање голем простор на мала површина. Заради централната празнина во внатрешноста на објектот, низ која поминуваат седум ескалатори што ги поврзуваат различните нивоа, сѐ во зградата делува како единствен простор.

forum_architectenweb_ (7)_resize foto: Siese Veenstra

Од денот на отворањето до 30 јануари 2020 година објектот го посетиле 700.000 луѓе, а се очекуваат годишно околу 1,4 милиони посетители. Во објектот работат  89 вработени со полно работно време и 35 студенти. Иако овој објект не е прва контроверзна градба во градот (прв контроверзен објект беше Музејот на Гронинген, изграден во италијански постмодерен „Мемфис“ стил), тој предизвика бурни дискусии како во архитектонските кругови, така и меѓу општата популација во градот и пошироко.

1_resize

Кај граѓаните на Гронинген имаше негативни реакции, бидејќи дел од нив сметаа дека не одговара на стариот, традиционален стил на околината и на градот. Во архитектонските кругови се примаше со доза на резерва идејата за димензијата и пренападноста на габаритот. Објектот беше нарекуван со различни погрдни имиња: културна стоковна куќа, метеор, културна палата на Источниот блок, дневна соба.

forum_unigroningen_1_resize

Но, денес веројатно голем дел од граѓаните на Гронинген се согласуваат со директорот на „Форумот“, Дирк Нијдам, кој вели: „Ние сме провинција прилично оддалечена од Амстердам, па кога имаме знаме, треба да го вееме повисоко за да се види од остатокот на Холандија. Музејот на Гронинген беше мамка која привлече луѓе од целиот свет. Сите забележаа дека прометот се смени, а подрачјето стана навистина поврзано. Имиџот на Гронинген исто така се подобри. Луѓето почувствуваа што може да направи една зграда. Затоа посакаа уште и посакаа тоа да се направи повторно.“

forum_greatervenues_4_resize forum_rtvnoord_1_resize

Дали ние, како мала земја, можеме да извлечиме некаква поука од оваа приказна?

Гронинген е град во најсеверната провинција на Холандија, со околу 240.000 жители и  60.000 студенти, бидејќи е и универзитетски центар. Културниот центар „Форум“ овозможува прекрасни услови и големи можности за образованието и за културата на градот и земјата.

forum_cineville_1_resize

Мојот град Скопје е главен град на држава, скоро милионски град и исто така универзитетски центар, а три децении интензивно гради главно станбени згради и катни гаражи, низ кои провлекува простор за шопинг и кафеани. Културата и образованието се на маргините на општествените случувања, а мултифункционални објекти кои треба да ги задоволат овие потреби се Младинскиот културен центар (МКЦ), објект изграден во СФР Југославија и салата „Борис Трајковски“ (ВИП Арена или А1 Арена, кој како ја знае во јавноста, која ни името не може да си го задржи подолго), која освен за спортски натпревари се користи и за концерти  и новогодишни прослави, иако акустиката е крајно проблематична, па дури и за саеми во последно време.

12_resize

Зградите на Филхармонијата, Македонската опера и балет, Националната и универзитетска библиотека и  Македонскиот народен театар (кој од архитектонска гледна точка не го заслужува името), ги исклучувам затоа што тоа се специјализирани простори на установи од национален карактер и имаат сосема поинаков третман и намена.

Поуката извлечете ја сами!

forum_dagblaadvanhetnorden_1_resize

Авторски тим:

– NL Architects

Соработници:

– NL Architects со ABT Engineering

– Структурни и геотехнички инженери – ABT

– Внатрешен дизајн – NL Architects, deMunnik-deJong-Steinhauser, &Prast&Hooft, Tank, Northern Light

– Техничка инсталација – Huisman en van Muijen

– Акустика – Peutz

– Инженери за сеизмика – ABT, BORG and BAM Advies & Engineering

– Изведувачи – BAM

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

forum_architectenweb_ (5)_resize 3kat_resize 7_resize 5_resize

Испрати коментар

Scroll To Top